20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Обвинителството ја повика министерката Царовска за кривичната пријава со пензиите во ФПИОМ

Скопското јавно обвинителство ја повика министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска в петок на 8 февруари да даде исказ за кривичната пријава која ја поднесе Министерството за труд и социјална политика, потврдија за „Макфакс“ од Обвинителството.

Поканата до Царовска доаѓа откако до скопското јавно обвинителство беше поднесена кривична пријава против непознати сторители за неуплаќањето средства во вториот пензиски столб на 12 илјади осигуреници. Царовска ќе треба прва пред обвинителот да ги објасни наодите од кривичната пријава.

Според јавната изјава на министерката Царовска, деветнаесет милиони евра за пензиско осигурување во изминатите 10 години не била уплаќана во вториот пензиски столб, кој е задолжителен и каде што осигурениците имаат сметки кај двете приватни пензиски друштва.

„За осигуреник со просечна плата во период од 2007 до 2018 година вкупно остануваат нераспределени околу 295 илјади денари придонес во вториот пензиски столб. Односно, изгубени се околу 95 илјади денари добивка од инвестирање на индивидуална сметка со што ние ќе ги обесштетиме со околу 400 илјади денари по корисник“, рече министерката Царовска.

Како што соопшти Царовска, освен за парите што не биле префрлани во приватните пензиски фондови, државата ќе ги обесштети осигурениците и за приходите што би ги оствариле од инвестирање на средствата.

Во периодот кога не биле уплаќани парите на осигурениците, директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ) беа кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, а министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е Фондот беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

(Makfax)

Спонзорирано: