4.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОИЗБОР

Заев: Државата се грижи за Охридското Езеро, следува комплетна санација на колекторскиот систем

На трибината посветена на економските политики и перспективи „Силна економија – шанса за сите“, која се одржа во Охрид, премиерот Заев зборуваше за плановите и проектите од интерес на Охриѓани, на кои засилено се работи и се во фокусот за следниот период, информираат од владината прес-служба.

„Основавме државно претпријатие ‘Колекторски системи’. Овие денови се конституираат управните и надзорните одбори за да може да го преземеме ‘Проаква’ директно, кое должи 900 милиони денари. Комплименти за сегашното раководство, кое врати 120 милиони денари од обврските, но тоа не е доволно, блокирани се општините Охрид и Струга и тоа е проблем што го решаваме. 400 милиони денари должат само за струја на ЕВН, на пример. Со ваквото преземање државата ја презема обврската за колекторскиот систем во Охрид. Што значи тоа? Не може само Охрид и охриѓани да водат грижа за Охридското Езеро и Охрид, туку сите ние, државата. Дел од парите е предвиден во буџетот, дел со основање на овие институции ќе биде дополнително предвиден за да можеме комплетно да го зајакнеме колекторскиот систем“, рече Заев.

Премиерот додаде дека веќе се испланирани пари за комплетна санација, со внатрешни цевки, во самиот колектор, кои се нотирани како две слаби точки на колекторскиот систем.

„Ги знам деталите, само 3 пумпни станици работат, 18 не функционираат. Делот од Канео до Струга е главен за санирање, а делот кон премиерската и претседателската вила мора да го санираме заедно со филтер-станиците. Проекцијата е 4 милиони евра. Имаме можност и за грант или ќе платиме од буџетот за целиот колектор да го ставиме во функција. Се создава можност да се формираат нови водостопански претпријатија, Водовод Охрид и Водовод Струга, да се разграничат и да имаат иднина“, рече премиерот и додаде дека обезбедувањето чиста вода и заштитата на езерото е од интерес на сите граѓани.