4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Албанската опозиција оди со заеднички кандидат за претседател

Албанските опозициски партии Алијансата за Албанците на Зијадин Села и Беса на Биљал Касами на претседателските избори ќе одат со заеднички кандидат.

Еден од потенцијалните претставници што се споменуваат во јавноста е професорот Иљаз Кадриу, кој е независен, но можно е да ја добие поддршката од двете партии како нивен кандидат.

Фадиљ Зендели од Беса за „Макфакс“ рече дека во игра се неколку имиња, но сепак рано е да се каже за кого станува збор.

„Имаме начелен договор на претседателските избори да одиме со заеднички кандидат. Но, сè уште немаме конкретен договор кој ќе биде кандидатот. Двете партии треба да одржат внатрепартиски состаноци, да предложат имиња и следната недела да се договориме кој ќе биде најприфатливиот предлог“, изјави Фадиљ Зендели од Беса за „Макфакс“.

Од Алијансата за Албанците не кажуваат кои имиња се во игра, односно дали ќе поддржат независен предлог или ќе инсистираат тој да биде од редовите на Алијансата. Сепак, претседателот Села на прес-конференција пред една недела рече дека не поддржува консензуален и опозицијата ќе оди на изборите со свој кандидат.

Претходно, Демократската унија за интеграција донесе одлука да не коалира со СДСМ, туку да настапи со самостоен кандидат на претседателските избори.

Изборите ќе се одржат на 21 април, а вториот круг треба да биде на 5 мај.

(Makfax)