19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Калајџиев: Ќе паднат предметите на СЈО во Стразбур ако не ги потврдиме помилувањата како незаконски

На дискусија во МАНУ, наречена „Реформи во Јавното обвинителство“, на која присуствуваа академик Владо Камбовски, професорите кривичари Гордан Калајџиев и Гордана Лажетиќ, вишиот јавен обвинител Тодор Витларов, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, и други присутни, се разговараше, меѓу другото, и за иднината на специјалното јавно обвинителство и за предлог-законите за кривична постапка и за Законот за Советот на јавните обвинители.

Катица Јанева рече дека предлогот на законот за СЈО е тоа да биде трајно обвинителство во кое шефот ќе има 5 години мандат, а обвинителите ќе ги избира Советот на јавните обвинители по претходно мислење од првиот човек на специјалното јавно обвинителство. Таа рече дека СЈО треба да ја задржи автономноста за обработка на предметите и дека ова обвинителство треба да се застапува во прв и во втор степен пред судот, а републичкиот обвинител да одлучува само во третостепените постапки. Јанева рече и дека висат 8 истраги, кои биле преземени од предмети од редовните обвинителства, а за кои имаат бомби.

Професорот Гордан Калајџиев рече дека се залага за фузионирање на двете обвинителства: СЈО и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Рече дека рокот за мандатот на СЈО и за истрагите го договориле Заев и Груевски и дека тоа било компромисното решение за воопшто да се формира специјалното јавно обвинителство. Калајџиев истакна дека додека не се официјализираат помилувањата како незаконски, ќе паднат предметите на СЈО пред Стразбур. „Стразбур го гледа Иванов како претседател“, рече Калајџиев.

Професорката Бужаровска рече дека СЈО мора да опстои како обвинителство и дека оваа пат-позиција најмногу им оди во прилог на сторилите на кривични дела. Рече дека и највисокиот суд се ставил во функција на политиката, а не на правдата, кога одлучил да расправа за иницијативите за законитоста на бомбите.

Вишиот јавен обвинител, Тодор Витларов, рече дека одлуките на специјалните јавни обвинители не треба да зависат од потписот на шефот и дека треба да се задржи второстепеноста на постапувањето пред апелациските судови. На дискусијата Витларов рече дека во јавните обвинителства нема одржувачи на хигиена и дека плаќаат од џебот за таа услуга.

Спонзорирано: