20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јован Јакулески избран за претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница за претседател на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ го избра Јован Јаулески. Тој од ноември минатата година беше назначен за в.д. претседател на УМС, по оставката на Лука Кржалоски.

Партијата на вчерашниот состанок утврди уште неколку кадровски решенија. Имено, за советник за меѓународна политика на претседателот Христијан Мицкоски е избран Стефан Андоновски, додека за советник за меѓусоседска политика е избран Тони Димитриевски.

ИК изврши избор и на претседатели и членови на Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција и Комисијата за информатичко општество, телекомуникации и аудиовизуелни услуги.
ИК за претседател на РИШ за претстојните избори го потврди изборот на Игор Јанушев, генерален секретар на партијата.

На седницата на ИК беше дискутирано и за подготовките за конвенцијата за избор на кандидат за претседател на Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се одржи во Струга на 16 февруари.

Дополнително ИК дискутираше и за актуелната политичко-економска ситуација во државата, констатирајќи дека најбрз и најефективен излез од хаосот што го создала власта се само предвремени парламентарни избори, кои е потребно да се одржат заедно со претседателските.

„ИК заклучи дека Македонија не смее да продолжи да губи и тоне поради неспособноста на власта, која ги распродава националните интереси на сметка на ситни партиски поени. Кратењето на пензиите, ударот врз пазарџиите, поскапувањето на здравствените услуги, хаосот со епидемијата на морбили, од една страна и зголемувањето на платите на вицепремиерите и вработувањето на блиски роднини во државните компании се најдобар доказ за аздисаноста на власта и нивниот единствен интерес за лично богатење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по состанокот.

Спонзорирано: