14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Малите партии бараат една изборна единица, па потоа избори

Малите партии ја реафирмираат идејата за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи на гласање. Тие се противат на намерата повторно да се спроведат парламентарни избори без да се создадат фер услови за политички натпревар за сите партии. Според информации на „Макфакс“, повеќе помали партии веќе се подготвуваат заедно да направат притисок за измени на Изборниот законик, а иницијатори се Демократскиот сојуз, од каде денеска соопштија дека за да има вистинска демократизација на државата и демонтажа на „еднопартискиот систем“, треба конечно Македонија да биде една изборна единица.

Од партијата на Павле Трајанов велат дека само на тој начин составот на Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе се зголеми одговорноста на извршната власт.

„Постојниот изборен модел со шест изборни единици, промените за финансирање на политичките партии, медиумската презентација, редоследот на партиите на гласачките ливчиња, составот на избирачките одбори, Државната изборна комисија и сл., ги форсира двете партии, ВМРО -ДПМНЕ и СДСМ, овозможувајќи им 28 години да бидат на власт, без какви било шанси и можности да дојде трета партија на власт“, велат од ДС.

На иста линија се и од ДОМ од каде велат дека со една изборна единица треба да се воведе и систем на отворени листи, без изборен праг за да се обезбедат исти предуслови за фер политички натпревар за сите партии.

И од НСДП сметаат дека е вистинско време да се реализираат изборните измени за една изборна единица и отворени листи.

„СДСМ го вети тоа во изборната програма и очекуваме да си стои на зборот“, вели Тито Петковски.

Слично е расположението и во албанскиот блок, каде што повеќето партии, како Беса и Алијансата за Албанците, се залагаат да се смени изборниот систем кој нема да ги фаворизира само големите партии.

Прашањето за една изборна единица се отвора пред речиси секои изборни циклуси и секогаш завршува без договор, со изговор дека нема консензус меѓу најголемите партии на преговарачката маса за оваа тема. Не е тајна дека на поголемите партии како ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ не им одговара една изборна единица. Симулациите на претходните изборни циклуси со промена на изборниот систем, пресметани во пратенички мандати, покажуваат дека големите партии губат дел од пратеничките мандати кои сега ги добиваат со примената на Донтовиот метод во шест изборни единици. Помалите партии, пак, кои освоиле повеќе од 20-30 илјади гласови и останале без свој претставник во Парламентот, очекуваат дека со промена на моделот би имале повеќе пратенички мандати и не ја отфрлаат можноста да настапат сами на избори, без претходно да влегуваат во коалиција со големите партии.

(Makfax)

Спонзорирано: