3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Ројтерс“: Грчкиот парламент в четврток ќе гласа за преспанскиот договор

Пратениците во грчкиот парламент в четврток, на 24 јануари, ќе гласаат за договорот од Преспа, објави новинската агенција „Ројтерс“ повикувајќи се на неименуван претставник од грчкиот Парламент.

Договорот со кој треба да се оконча долготрајниот спор за името меѓу Атина и Скопје денеска влезе во процедура за ратификација во грчкиот Парламент.

Агенцијата АП, пак, претходно објави дека гласањето се очекува в петок.

Нацрт-законот, изготвен од страна на грчкото Министерство за надворешни работи, насловен како „Ратификација на финалниот договор за решавање на разликите што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на ОН 817 (1993) и 845 (1993), завршување на валидноста на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување стратешко партнерство меѓу двете страни во договорот“, содржи три члена.

Првиот член се однесува на преспанскиот договор во целост, вториот член се однесува на зголемување на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола во генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во грчкиот „Службен весник“.

Нацрт-законот, од 18 јануари 2019 година, потпишан е од страна на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, и неговите министри.

Во Атина вчера се одржаа демонстрации против договорот од Преспа, а во судирите беа повредени најмалку 25 полицајци.

Договорот Грција и Македонија го постигнаа во јуни минатата година, а со истиот е утврдено со промената на името во Северна Македонија, Грција да не ги попречува евро-атланските интеграции на земјава.

Спонзорирано: