13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Зелен катастар – во Скопје избројани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки

Град Скопје во соработка со УНДП влезе во напредна фаза од реализацијата на активностите за воспоставување зелен катастар на јавните зелени површини во градот, односно досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило. Во големата сала на Советот на Град Скопје пред претставници од невладините организации, јавните градски претпријатија, скопските општини и стручната јавност, каде што се одржа презентација на проектот за зелен катастар, чија основна цел е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото.

„Зелениот катастар на Град Скопје е проект што долго време е во фокусот на јавноста, особено во зимскиот период од годината кога главна тема е аерозагадувањето како проблем кој најдиректно ги засега жителите на Скопје. Унапредувањето, заштитата и зголемувањето на површината под зеленило се предизвици на кои градската администрација последнава година им посветува големо внимание. За жал, повеќе години, како последица на градежната експанзија, особено во делот на проектот ‘Скопје 2014’, зеленилото во градот честопати беше жртвувано за сметка на новите градежни објекти, кои задоволуваа извесни лични, политички и бизнис-интереси, но не и интересот на граѓаните што имаат неоспорно право да живеат во здрава животна средина. Ваквиот начин на функционирање мораше да се промени. Грижата за градското зеленило бара внимателно планирање и континуирана работа“, рече градоначалникот Шилегов на презентацијата.

Зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности, подобро планирање во насока на зачувување на постојното зеленило и поквалитетно одржување.

„Поради комплексноста на работите, активностите се реализираат во фази. Досега се реализирани активности за геодетско снимање на зелените површини и дрвјата, грмушките и парковската инфраструктура. Изработена е и ГИС-апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на град Скопје. Со геодетското снимање опфатено е зеленило на површина од 650 хектари. Во оваа фаза тоа го опфаќа булеварското и парковското зеленило кое е под надлежност на Град Скопје. Исто така, реализирана е т.н. инвентаризација на теренот, која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје – јавните претпријатија, јавните установи, средните училишта и други. Во соработка со општините во Скопје, пак, предвидено е и дополнување на катастарот со зеленилото што е под нивна надлежност – блоковското зеленило и зеленилото во основните училишта и градинките. Во најнапредната фаза се предвидува и отворање модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот двор“, објасни градоначалникот Шилегов.

Оваа интерактивна алатка ќе биде континуирано ажурирање од ЈП „Паркови и зеленило“ со дополнување на новото зеленило и новозасадените дрвја.

„Она што сакам да го потенцирам е дека во претстојниот период, освен на подигањето нови зелени површини, големо внимание Град Скопје ќе посвети и на заштитата на постојното зеленило. Во таа насока ќе споменам дека со помош на Шумарскиот факултет работиме на мапирање и ослободување заробени стебла и корења на дрвја со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности. Тоа е еден извонреден пример каде што со помош на ентузијазмот на стручните лица од оваа област и институционалната поддршка од градот со своите јавни претпријатија може да се работи на заштитата на постојното зеленило на која многу малку било работено досега. Сосема на крај, ќе истакнам дека зелениот катастар, како и преостанатите проекти за заштита и унапредување на животната средина, на кои е посветена оваа градска администрација, се од витално значење за обезбедувањето одржлив урбан развој на градот. Граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во модерна зелена престолнина која ќе им гарантира квалитетен и здрав живот. Верувам дека со многу ентузијазам и посветена работа сите заедно можеме да го постигнеме тоа за доброто на сите“, нагласи Шилегов.

Присутните на презентацијата денеска имаа можност да слушнат стручни предавања поврзани со изработката на зелениот катастар, и тоа предавање за ГИС – „Орудие на паметна мапа“ и “Апликација за зелен катастар“; „Зелен катастар – фаза 2 – попис, предизвици и бариери“; „Еколошките атрибути на зелениот катастар“ и за реализираните проекти во 2018 година од ЈП „Паркови и зеленило“ и дел од планираните активности за 2019 година. На презентацијата на проектот за зелен катастар присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Спонзорирано: