13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владата: Објавувањето на Законот за јазиците во „Службен весник“ е уставно

Објавувањето на законите за јазиците и договорот од Преспа во „Службен весник“ е во согласност со Уставот, соопштија од Владата. Од таму додаваат дека претседателот Ѓорге Иванов го прекршил Уставот со непотпишување на договорите со оглед на тоа што тие двапати биле изгласани во Собранието.

„Владата на Република Македонија ја поддржува одлуката двата закона да бидат објавени во ‘Службен весник на РМ’ со потпис на претседателот на Собранието имајќи го предвид прекршувањето на Уставот од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов. Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закона, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки што се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија“, велат од Владата.

Од таму се повикуваат на членот 75, став 3 од Уставот на РМ, според кој, „претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија доколку тие вторпат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието“.

„И двата закона, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на договорот од Преспа, се усвоени вторпат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март оваа година, а Законот за ратификација на договорот од Преспа на 5 јули, исто така оваа година. Во согласност со уставните одредби, а поради неизвршување на обврските на претседателот на државата, на претседателот на Собранието на Република Македонија, единствено што му преостана е да ја исполни должноста што произлегува од членот 52 од Уставот во согласност со кој законите што вторпат се донесени со потребното мнозинство во законодавниот дом, треба да бидат објавени во ‘Службен весник на РМ’ 7 дена по нивото донесување“, објаснуваат од Владата.

Од таму сметаат дека со оваа постапка претседателот на Собранието ја запрел тенденцијата една церемонијална постапка на претседателот на државата да се претвори во преседан кој се закануваше да го блокира функционирањето на системот, и тоа со кршење на Уставот.

Спонзорирано: