14.8 C
Скопје
17. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Македонија и’ возврати на Москва: Жалиме и покрај горливите проблеми низ светот што МНР на Русија во негативен контекст апострофира автентични политички процеси на две соседни земји

Македонското МНР реагира по ставот на руското Министерството за надворешни работи во врска со усвојувањето на измените на Уставот на Република Македонија.

МНР со жалење констатира дека и покрај толку горливи проблеми во денешниот свет, Министерството за надворешни работи на Русија, повторно, во негативен контекст, апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблемите, зацврстување на довербата и градење пријателство, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи.

„Измените на Уставот, во согласност со договорот од Преспа, усвоени во Собранието со целосно почитување на предвидената собраниска процедура и Уставот на Република Македонија, кои ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и Европската Унија, добија неподелена поддршка од пошироката меѓународна заедница како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишниот билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.

Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни туку суштински придонесува кон регионална стабилност, пријателство и соработка и како таков претставува пример и модел за решавање на отворените прашања меѓу државите“, се посочува во реакцијата на македонското МНР.

Министерството за надворешни работи во своето соопштение додава дека е уверено оти иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој, како што наведуваат, претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни, вклучително и од Русија.

Спонзорирано: