4.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Груби им порача на ВМРО ДПМНЕ први да си го напишат името на албански (видео)

Пратеникот Артан Груби од ДУИ, по објавувањето на Законот за јазиците во „Службен весник“, вели дека нема да биде лесна неговата примена, но со добра волја на институциите ќе биде одлична. Груби вели дека прва што треба да стави натпис на албански јазик е опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Нелегитимниот претседател во заминување има уште два месеца во канцеларијата. Прочитајте ги законите, Уставот и Деловникот. Објавата на Законот за јазиците во ‘Службен весник’ е според законот. Сметаме дека Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да се надминат и да бидат првите што ќе напишат ВМРО-ДПМНЕ и на албански јазик“, смета Груби.

Иако Законот за јазиците е оспорен пред Уставниот суд, Груби вели дека тоа не ја одлага примената и тој мора да се почитува. За спроведувањето на Законот за јазиците ќе се формира и инспекторат.

„Сите чекори што ВМРО-ДПМНЕ ги презема по 2016 година се погрешни и не се во интерес на државата и граѓаните. Оваа партија не се постави правилно за јазичната рамноправност, интеграциите во ЕУ и НАТО. Демократски е да ги изгубиш изборите, исто како што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгуби претседателските“, рече Груби коментирајќи ги постапките на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ е против предвремени парламентарни избори оти, како што вели пратеникот Груби, има многу реформи за спроведување.

(Макфакс)