Секогаш во средиштето на збиднувањата...

„Мерцедес“ ја задржа круната на пазарот за луксузни автомобили

Германската автомобилска компанија „Мерцедес-Бенц“ трета година по ред ја задржа водечката позиција во светот кога станува збор за продажба на луксузни автомобили. Имено, компанијата и во 2018 година, го премина најголемиот конкурент „Бе-ем-ве“ за речиси 200.000 возила.

Продажбата на „мерцедес“ автомобили пораснала за 0,9 отсто на 2,31 милион единици, поддржана од воведувањето на новиот модел од А-класата, што придонесе продажбата на компактни автомобили да претставува една четвртина од годишната продажба на оваа марка.

Продажбата на „Бе-ем-ве“ порасна за 1,8 отсто на 2,12 милиони, поттикната од побарувачката за SUV модели, објави порталот „Аутомотив њуз Јуроп“.

Третопласираниот „Ауди“ се соочи со пад на продажбата од 3,5 отсто на 1,87 милиони.

Луксузните автомобилски брендови и натаму остваруваат корист од побарувачката за премиум модели во Кина, најголемиот светски автомобилски пазар, додека во Европа пордажбата на сите три производители бележи пад.

Кога станува збор за стариот континент, најмногу опадната е испораката на „Ауди“ (за дури 14 проценти), додека продажбата на „Мерцедес“ паднала за 2,3 проценти, а на „Бе-ем-ве“ за 0,3 проценти.

Во САД, продажбата на „Бе-ем-ве“ е зголемена за 0,5 отсто, додека продажбата на „Мерцедес“ и „Ауди“ бележи пад за 6,3 односно 1,4 отсто соодветно.