15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

МЗШВ: Пристигнати околу 300 понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари

Вчера заврши рокот за поднесување на понуди за учество на јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и додаваат дека заклучно со вчерашниот ден пристигнале близу 300 понуди за учество на овој јавен повик. Со оглед на тоа дека дел од понудите се праќани по пошта, се очекува да пристигнат уште понуди и конечната бројка ќе се знае во вторник следната недела, а потоа велат од МЗШВ ќе следува евалуација на пристигнатите понуди и склучување на договорите со земјоделците.

„Се работи за повик на кој за разлика од огласите за кои што МЗШВ ги објавува расположливите парцели , сега им се овозможи на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку подготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик.

Јавниот повик беше наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта на овој повик е да се стави во функција целото расположливо земјоделско земјиште, особено оние парцели што не се атрактивни и што се со понизок квалитет од 4, 5, 6, 7 и 8 класа, а кои што можат да се искористат за производство. Со овој јавен повик се создаваат поволни услови, сите земјоделци кои веќе се занимаваат со земјоделство, оние што сакаат да го прошират своето производство или да започнат агробизнис, да склучат договор со МЗШВ и да дојдат до земјиште.

На овој начин директно ќе се влијае врз зголемување на површините со обработливо земјоделско земјиште, а со тоа и на производството на земјоделски производи. Воедно огласите за давање на земјиште под закуп се и основа за аплицирање за ИПАРД 2 програмата и ќе придонесат за зголемување на бројот на апликации за оваа програма“, се вели во соопштението на министерството.

Земјиштето, велат од МЗШВ за кое што ќе склучат договор треба да го искористат за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.

Спонзорирано: