10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Работилница во Полошкиот Регион за искористување на средствата од ИПАРД-програмата

Во Полошкиот Регион, како еден од позначајните за домашното земјоделство, но и за преработувачката индустрија, се одржа едикативна работилница за сите правила и процедури што треба да бидат запазени за ефикасна искористеност на средствата од ИПАРД-програмата.

На работилницата присуствуваа директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николчо Бабовски, директорот на Агенцијата за поттикнување на земјоделството, Елгафер Јусуфи, и заменик-директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Абдул Селами.

Земјоделците беа запознаени и со тековните огласи за добивање средства по мерка 3 од ИПАРД-програмата „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, која истекува на 29 јануари.

Мерката 3 предвидува инвестиции во преработувачки капацитети за млеко и млечни производи, месо и производи од месо, вклучително и живина и јајца. Предвидува и преработка на овошје, зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, преработка на вино и оцет при што половина од вложените средства на земјоделците ќе им биде кофинансирана, односно ќе им бидат вратени 50 отсто од парите што им се одобрени како прифатлив трошок. За оваа мерка повикот е отворен до 29 јануари, а на располагање се вкупно 13 милиони евра.

Исто така до 9 февруари е аплицирањето и за мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“.

„Со оваа мерка ќе може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжери капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но не и трактори, затоа што буџетот за оваа намена е искористен со претходниот повик. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува околу 12 милиони евра“, изјави Бабовски.

Тој потенцираше дека на овој повик поднесените апликации мора да бидат целосни и комплетни, што е и услов да поминат во следна фаза за разгледување.

Само на првиот повик со ИПАРД 2 програмата склучени се 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. На сметките на земјоделците и на бизнис-заедницата досега вратени се 1,4 милиони евра за реализирани инвестиции во земјоделството и преработувачките капацитети.

Денешната работилница е втора од делот на едукативната кампања за ИПАРД 2 2014-2020, која ќе трае 18 месеци и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо-денови.

Спонзорирано: