Од годинава сите царински декларации и акцизни документи ќе се поднесуваат електронски

Сите царински деклариции и акцизни документи од годинава ќе се обработуваат електронски, беше истакнато денеска при посетата на министерот за финансии, Драган Тевдовски, на посетата на Царинската управа.

Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проект царински подружници, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински подружници во земјава.

„На овој начин за фирмите значително се скратуваат трошоците и се намалува времето. Сите документи ќе се поднесуваат електронски. Наша цел е да се автоматизираат процесите и со тоа да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите“, рече Тевдовски.

Како што информираат од Министерството за финансии, системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, Управата за јавни приходи при поднесување на ДДВ-пријави кон кои се поднесуваат царински декларации или Завод за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.

„Во првата половина од годинава ќе биде пуштен и нов терминал на граничниот премин Ќафасан“, посочи директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски. Проширувањето на царинскиот премин Ќафасан опфаќа нов увозно-извозен царински терминал од 9,5 илјади метри квадратни, пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи (објект за Царинската управа, водовод и канализација, осветлување, изградба на пречистителна станица), како и реконструкција на постојните објекти.

„Општата цел на проектот e олеснување на прекуграничните постапки и спроведување на законите, што ќе се постигне со реконструкција на објектите за царинење и инспекција, обезбедени подобри услуги за економските оператори и побрз проток на стоката, како и зајакната заштита на државата и општеството“, рече Танаскоски.

Инаку, минатата година, како што истакна Танаскоски, беше пуштен во употреба новиот царински терминал на граничниот премин Табановце. Надградбата на терминалот овозможува олеснување на прекуграничната трговија по должина на коридорот 10 и спроведување на царинските постапки во модерни капацитети.