18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Снежните наноси предизвикаа големи проблеми во Австрија, Курц откажува средби

Силните врнежи од снег, кои без прекин траат од четвртокот, предизвикаа големи проблеми во многу делови на Австрија.

Во период на смена на туристите, кога голем дел од нив се враќаат од ски-центрите кон своите домови, но и голем број работници од странство кои за време на празниците се враќаат во родните земји во јужниот дел на Европа, патиштата се покриени со снег и мраз.

Автопатот Tauernautoban кој се наоѓа на територијата на Салцбург ќе биде привремено затворен, со цел да се изврши контролирана експлозија, со која ќе се отстрани опасноста од лавини, информирaа локалните власти.

Аеродромот во Инсбрук е речиси целосно затворен од саботата и летовите се откажани.

Поради големите снежни наноси многу планински места се отсечени од остатокот од Австрија.

Опасност од лавини им се заканува на ски-центрите, а во Салцбург лавина веќе затрупала скијачи, кои за среќа преживеале.

Во местото Санкт Коломан градоначалникот Вили Валингер ги повика граѓаните да останат во своите домови, токму поради опасност од лавини.

И австрискиот канцелар Себастијан Курц на сопствена кожа ги почувствува проблемите поради снегот, информираат австриските медиуми. Тој во момендов одмара во еден од зимските туристички центри, а во саботата навечер планирал да учествува на партиски собир во близина на местото каде одмора, но морал да откаже поради непристапноста предизвикана од снежните наноси.

Канцеларот преку „Фејсбук“ им се обратил на граѓаните, особено на оние кои несебично се ангажираат во помагање на луѓето чии домови се затрупани од снег и отсечени од остатокот на земјата.

Спонзорирано: