Kонкурсот за „Роман на годината“ е отворен до 15 јануари

Поради одлуката на Општина Центар да ја затвори читалницата „Славко Јаневски“, романите кои конкурираат за наградата „Роман на годината“ ќе се доставуваат во Културно-информативниот центар на Град Скопје до 15 јануари.

Фондацијата „Славко Јаневски“ што ја доделува оваа награда информира дека романите може да се поднесуваат секој работен ден кај Емилија Михајлова, одговорното лице за конкурсот. Останатите услови од конкурсот остануваат исти, односно се пријавуваат пет примероци од романот или се праќаат по пошта на адреса Фондација „Славко Јаневски“, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ бр. 19-40-6, 1000 Скопје.

Од 1999 година изборот за наградата „Роман на годината“ го организираше редакцијата на „Утрински весник“, а по неговото згаснување од лани континуитетот на наградата го зачува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Оваа година организирањето на изборот и доделувањето на наградата „Роман на годината“ одбележува 20-годишен јубилеј.