5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ако одлучи повисокиот суд, Кацарска ќе ја чека и Нова година во канцеларија за да постапува за амнестијата

Судијката Добрила Кацарска не отстапува од ставот дека единствено надлежен да одлучува за спроведување на Законот за амнестија во предметот за 27 април е кривичниот совет на Основниот суд, Скопје 1. За „Макфакс“, Кацарска рече дека останува на нејзиниот став и по цена на разрешување „Јас не сум надлежна да одлучувам и кажав: По цена на разрешување останувам на својот став, затоа што тврдам дека сум во право“, рече судијката Кацарска.

Таа вели дека само ако добие одлука од повисок суд, тогаш ќе одлучува за амнестијата. Рече дека не бега од работа и дека пред неколку денови до полноќ била во судот и ги пуштила сите писмени дописи навреме до кривичниот совет. Судијката ја уверува јавноста дека ако треба да одлучува и празниците ќе ги дочека во канцеларијата.

„Ако добијам официјална одлука со задолжение јас прво ќе треба да предизвикам судир зашто нема да се согласам со одлуката. Ќе ја терам постапката и натаму. Ако од повисок суд добијам одлука дека треба токму јас да одлучувам, во тој случај и само во тој случај ќе одлучувам на таков начин што и в сабота и в недела и за Нова година, за 31 декември, 1 јануари ќе работам. Ако дефинитивно добијам одлука од повисок суд, нека не се сомнева јавноста дека и Нова година ќе ја чекам во канцеларија“, рече Кацарска.

Судијката потенцира дека во предметот со хашките случаи, кој го спомна на брифингот претседателот на судот, Иван Џолев, точно е дека судијата Горан Бошевски е тој кој одлучил за амнестијата, но тоа се случило откако претходно обвинителот го повлекол обвинението, што е различна ситуација од постојната. Ако обвинителката Вилма Рускоска се откаже од гонење на обвинетите, таа рече дека тогаш таа тоа ќе го почитува.

„Во петокот во 2 часот ги примив првите 5 барања. За да се добие во време, во рок од 5 минути ги пратив барањата во кривичниот совет. Цел викенд не ми беа вратени. Дури во понеделникот во 14.50 ми ги дадоа тие барања, на половина час пред работното време“.

Кацарска вели дека жали што обвинетите се доведени во ваква ситуација: „Дали Законот е исправен или не, ние сме должни да ги почитуваме законите и не смееме да ги кршиме правата на обвинетите лица кои им се загарантирани со закон“.

Според најновите информации, барањата за амнестија се испратени на мислење до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски за „Макфакс“ потврди дека за надлежноста за одлучување по барања за амнестија постои предмет во највисокиот суд. „Заведен е предмет по тој основ и е пратен на мислење до ЈОРМ и до овој момент не е вратен“, вели Вангеловски.

Спонзорирано: