13.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) „Бидете горди на вашите најблиски“ – Шекеринска се сретна со семејствата на мировниците

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, денеска имаа предновогодишна средба со семејствата на припадниците на АРМ, кои во моментот се дел од мисиите на НАТО, ООН и ЕУ во Авганистан, Либан и во Босна и Херцеговина, а беше воспоставен и видеолинк со македонските мировници во овие мисии.

„Оваа година беше многу важна за Македонија, за Министерството, за Армијата. Имавме огромен број средби, а првпат во нашата историја ни се случи генерален секретар на НАТО двапати да ја посети Македонија. Меѓутоа, ако ги анализирам сите средби што имав чест да ги имам како министер, најголем впечаток ми остави посетата на вашите најблиски во Кабул, а средба во која сите сме можеби најемотивни е денешната, каде што многу конкретно гледаме колку сè ризикуваат и од колку сè се откажуваат вашите најблиски“, рече министерката Шекеринска пред семејствата на мировниците.

Шекеринска истакна дека семејствата на мировниците во Министерството и во Армијата секогаш ќе имаат адреса и луѓе на кои може да се потпрат.

„Центрите за транзиција, кои веќе постојат во Армијата и Министерството за одбрана, ќе направиме да бидат центри за прва поддршка на сите семејства и затоа денеска кога ќе заврши убавиот, ќе продолжи корисниот дел од средбата, каде што ќе разговарате со колегите од Министерството и АРМ како семејствата да бидат повеќе помогнати додека вашите блиски се надвор, во мисија. Ние сме свесни дека еден татко или мајка, сопруг, сопруга, син или ќерка да може спокојно да врши многу тешка работа, прво што треба да му помогнеме е да не се грижи за своите најблиски“, рече Шекеринска.

Генералот Ѓурчиновски им оддаде признание на македонските мировници за професионализмот и резултатите постигнати во мировните мисии. „Продолжете достоинствено и мотивирано да ги претставувате интересите на нашата земја и бидете горди дека ова е историски момент во кој Република Македонија е на прагот на влезот во НАТО“, рече началникот на ГШ на АРМ.

Преку видеолинкот најстариот претставник на македонскиот контингент во Авганистан, полковникот Љупчо Јовановски, порача дека сите припаднци на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ се здрави и живи и задоволни што ја имаат можноста да ги видат своите најблиски. Полковникот Јовановски, како и мировниците на АРМ во Либан и во БиХ, мајорот Атила Аго и мајорот Маријан Златановски, им ги честитаа Новата година и претстојните празници на семејствата на сите мировници во мисиите во Авганистан, Либан и во Босна и Херцеговина.

По средбата, стручни лица од Министерството и Армијата разговараа со семејствата на мировниците, им дадоа поддршка во делот на функционирањето на семејството во отсуство на еден родител, како и обединувањето на семејството по враќањето на мировникот од мировна мисија, а го презентираа и правилникот за начинот на грижа за семејствата на воениот и цивилен персонал упатен во активности надвор од нашата држава.

Најмладите, децата на мировниците, беа среќни од присуството на Дедо Мраз, кој им подели новогодишни пакетчиња.

Спонзорирано: