13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Почна изградбата на новата градинка во Стајковци, проектот чини 30 милиони денари

Во Стајковци почна изградбата на новиот објект на детската градинка, што ќе се протега на површина од 1.230 квадратни метри.

Oд Општина Гази Баба најавија дека градинката ќе има 6 занимални за деца од 2 до 6 години и една група јасли за деца до 2 години, со што ќе се отвори капацитет за 140 деца. Проектот ќе чини 30 милиони денари, средства од буџетот на Општина Гази Баба, а просторот ќе биде поделен на простории за деца, за стручен кадар и економски простории. Пристапот на објектот ќе се состои од 3 влеза, a ќе има и пристапни рампи за инвалидизирани лица. Новиот објект се очекува да биде изграден до крајот на октомври в година.

Градоначалникот на општината, Борис Георгиевски, изјави дека жителите повеќе нема да мора да патуваат со километри за да ги однесат своите деца во градинка бидејќи ќе имаат својата околина.

„Општина Гази Баба и понатаму ќе води сметка за најмладите. Продолжуваме со проширување на сместувачките капацитети во градинките. Од 1 јануари почнува реконструирањето на градинката ‘Калинка’ лоцирана во населбата Железара. Со овој проект ќе се отворат места за плус 60 деца, односно 3 нови занимални, каде што ќе има и втора смена. Со средствата што се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика во висина од 3 милиони денари занималните целосно ќе се реконструираат и опремат. Ќе се проширува и капацитетот во градинката ‘Морковче’, кој се наоѓа во Јурумлери. Ќе се доградува 1 занимална со средства од Општина Гази Баба, а ќе се опремува со пари од Министерството за труд и социјална политика. Оваа просторија ќе обезбеди сместување за 20 деца“, најави градоначалникот.

Со овие капитални инвестиции, како што посочи Георгиевски, се зголемува капацитетот во градинките за нови 220 деца.

„Не застануваме тука. Идни проекти на кои работиме се изградба на сосема нови градинки во населените места Трубарево, Синѓелиќ, Ќерамидница и Инџиково за кои во текот на 2019 година ќе почнеме постапка за подготовка на проектна документација. Целта е зголемување на капацитетите во детските градинки, а листите на чекање да станат минато“, додаде градоначалникот.

Спонзорирано: