10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Злоупотребите на Пројковски од МНТ веќе четири месеци во предистрага на ОЈО

Основното јавно обвинителство и по четири месеци од прибирање на документацијата по пријава од инспекторите на МВР а која се однесува на сомнежи за незаконски дејствија што се вршени од 2015-2017 година и за злоупотреба на службената должност од страна на поранешниот директор Дејан Пројковски со што буџетот на Македонскиот народен театар е оштетен за 150 000 евра, случајот го води во предистражна постапка и не споделува информации за истиот.

„Надлежен јавен обвинител постапува во насока на утврдување на фактите. Со оглед на тоа што станува збор за предмет што се наоѓа во фаза на предистражна потапка, во моментов не сме во можност да споделиме повеќе детали“, одговорија за „Макфакс“ од ОЈО.

Екипите на МВР во правната служба на најголемата театарска национална куќа МНТ влегоа во август годинава. Инспекторите од одделот за организиран криминал постапуваа по пријавата на Министерството за култура, кое имало индиции дека режисерот и поранешен директор Пројковски ја злоупотребил службената должност, вршел сомнителни јавни набавки и ненаменски потрошил средства во висина на 150 000 евра.

Во меѓувреме дознаваме дека правничката на МНТ која била на ова работно место, по изнесување на скандалозните детали во јавноста, дала отказ и заминала да работи на друго место. Актуелната директорка Симона Угриновска се справува со наталожените долгови во институцијата и нема сознанија дали некој ќе сноси одговорност за состојбата во која е доведен МНТ.

Ако се земе предвид дека за неправилностите првпат проговоре Управниот одбор на МНТ, а неговиот претседател, режисерот Александар Поповски, поради наталожените проблеми даде и оставка, излегува дека случајот се провлекува повеќе од една година.

Од анализите на документите од јавните набавки што ги направил адвокатот на МНТ, Жарко Стевовски, беше констатирано дека во МНТ се трошело на големо и со сомнителна законитост.

Спонзорирано: