15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Петре Николоски во Чифте амам со „Бесконечност“

Националната галерија на Македонија во рамки на овогодинешната јубилејна програма по повод чествувањето на 70 години од постоењето, како завршна манифестација ја најавува изложбата на Петре Николоски насловена „Бесконечност (Infinity)“ која ќе се отвори на 27 декември во просториите на Чифте амам, во 19 часот.

Изложбата на Николоски се состои од повеќе мултимедијални дела и инсталации, кои се во најголем број изработени специјално и исклучиво во контекст на архитектонскиот и идеолошко – дискурзивен наратив на/зад Чифте амамот. Клучни дела се обелискот од книги и бесконечната полица, кои како машки-фалусоиден принцип е поставен во женскиот дел на амамот и комплексната инсталацијата од дрвен материјал, волница и коноп, кои обликуваат специфична, топла, вмрежена инсталација во облик на „утерус“, како симбол на женскиот принцип, позициониран во машкиот дел од амамот.

Првиот клучен објект – обелискот, како и бесконечната полица, се обликувани од книги кои беа набавени со алтруистички придонес на институции, издавачки куќи и индивидуалци, со што скулптуралното дело е обликувано со нетрадиционален скулпторски материјал. Авторот тежнее кон мултидисциплинарност, поместувајќи ги границите на класичната ликовна форма, имплементирајќи ја книжевноста и литературата, проширувајќи го кругот на публиката и иницирајќи ја соработката помеѓу институциите од различен профил.

Другата инсталација пак, која е конципирана да го повика посетителот да влезе во самиот нејзин облик, нуди посебни и однапред зададени патишта и правци на движење, во обликовен и формален смисол, нудејќи просторно опозитна линерна трансформација на арабеската и декорациите од куполата.

Во останатиот дел од амамот ќе бидат поставени видео инсталации, колажи – објекти и други просторни инсталации.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста до средината на февруари 2019 година, а куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос.

Спонзорирано: