Турција си го бара назад своето културно наследство

Турција, една од ретките земји со богато културно наследство и колепка на многу цивилизации од антиката до Османлиите, во последно време прави видни напори за враќање на своите многубројни споменици изнесени во минатото во многу земји од светот. Во 19 век, особено од страна на англиските и германските археолози, со дозвола на тогашните султани или, пак, илегално од Анадолија, биле изнесени бесценети историски споменици што им припаѓаат на повеќе цивилизации. Иако благодарение на досегашните напори дел од културното наследство е вратено во земјата, повеќето од спомениците со потекло од Анадолија сѐ уште стојат изложени како експонати во најпознатите музеи во светот.

Прашањето на враќање на културното наследство се актуализира повторно со неодамнешното успешно окончување на иницијативата на Турција со која таа успеа по четиригодишни преговори со властите во САД да врати 12 парчиња од вториот најголем мозаик во светот и едно од најзначајните споменици на нејзиното културно наследство – Мозаикот на Менада, популарно наречен Мозаикот на Ромката, кој пред 58 години бил изнесен од античкиот град Зеугма кај Газијантеп во југоисточна Турција. На самото отворање на изложбата во Музејот на мозаиците „Зеугма“, каде што се изложени вратените мозаици, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, ја потврди определеноста на неговата земја да го заштити културното богатство на сите цивилизации што пребивале на почвата на Анадолија истакнувајќи дека враќањето на културните артефакти во нивната татковина е политика што и понатаму ќе се следи.

Вратените 12 мозаици се делови од бордурата на Мозаикот на Менада и се наоѓале на четириаголниот под на трпезаријата на една вила што била откриена во 1998 година во античкиот град Зеугма. Се смета дека датираат од 2 век од н.е. Утврдено е дека тие во 1960 година, по илегални ископувања, биле шверцувани во странство, а во 2012 биле изложени во фоајето на Културниот центар „Волф“ при Универзитетот „Боулинг Грин“ во Охајо. Според кажувањето на градоначалничката на Газијантеп, Фатма Шахин, при неговото шверцување Мозаикот на Менда паднал и бил оставен на самото место, а сите други делови од поголемото пано биле однесени во Америка за потоа да бидат продадени од страна на шверцерите на историски споменици.

По долги и интензивни дипломатски преговори, постигнат е договор за враќање на мозаиците и потпишан е протокол помеѓу турското Министерство за култура и Универзитетот од Охајо по што кон крајот на ноември годинава тие беа донесени во Турција и изложени во Музејот на мозаиците „Зеугма“, во кој денес е изложен и Мозаикот на Менада. Според протоколот, турската страна треба да ги изработи репликите на мозаиците и да ги испрати за да бидат поставени на местото испразнето од оригиналите. Уште првиот ден изложбата ја посетија 3.000 души, што го потврди интересот на јавноста кон овој проблем.

Според директорката на Музејот, Емине Озтурк, со додавање 12 нови мозаици сликата ќе биде појасна иако таа никогаш нема да биде комплетирана бидејќи и другите делови од целиот мозаик се исто така украдени или оштетени.

Според турскиот министер за култура и туризам, Ерсој, на овој начин во земјата биле вратени голем број културни споменици, но листата на слични споменици што треба да се вратат е долга. По утврдувањето на нивното сегашно место, Турција ќе почне правна процедура за нивно враќање, во која ќе бидат вклучени министерствата за внатрешни и надворешни работи и Министерството за правда, но и Интерпол.

На листата на споменици за кои Турција се залага да бидат вратени на почвата од која потекнуваат се наоѓаат археолошки ископини кои денес се изложуваат во најголемите светски музеи, како „Лувр“ и Британскиот музеј. Меѓу најзначајните се мермерниот олтар на Зевс – едно од највеличествените дела од хеленистичкиот период однесено во Берлин од страна на германските инженери, а денес изложено во Пергамскиот музеј, кое привлекува илјадници посетители. Вториот редок споменик од почвата на Турција, кој се наоѓа во истиот музеј, е еден од симболите на античкиот град Милет – Северната порта на јужната агора на Милет, која датира од 2 век од н.е. и е пронајдена кај местото Соке во југозападна Турција. Овој споменик од античкиот град на западниот брег на Анадолија бил откриен при ископините почнати од страна на берлинскиот музеј во 1896 година и им бил подарен на Германците од страна на султанот Абдулхамид Втори.

Фасадните фризови на едното од седумте светски чуда – импозантниот мавзолеј на античкиот крал Мавзол од 4 в. п.н.е кој се наоѓа во Халикарнас кај Бодрум во југозападна Турција, биле илегално изнесени од Турција и денес се изложени во Британскиот музеј. Од името на гробницата потекнува и зборот „мавзолеј“ која поради својата пирамидална форма претставува уникатно дело, синтеза на египетската и античката грчка архитектура. Меѓу културното наследство на Турција кое се наоѓа на листата на спомениците кои треба да бидат вратени се наоѓа и маската на Агамемнон за која се тврди дека била употребена во легендарната Тројанска војна од 12 в. п.н.е. Таа денес е изложена во Националниот музеј во Атина, додека скоро сите останати дела од тројанската ризница се наоѓаат во Русија.

Многу ископини од античкиот град Касантос од античката провинција Ликија, кај туристичкото место Фетие, во југозападна Анадолија, кој во 1988 година бил впишан на листата на светското културно наследство на УНЕСКО, биле однесени во Британскиот музеј по ископувањата вршени од страна на британскиот археолог Чарлс Фелоуз во 1840 година.

Мозаикот на трите убавици – Хера, Атина и Афродита, на кој е прикажан изборот на убавици на планината Ида и кој датира од 2 век од н.е., бил пронајден во турскиот град Антакија на југот на Турција, денес се изложува во парискиот „Лувр“.

Мозаикот на Дионис, на кој е прикажан Хермес како во скутот го држи Дионис како дете, кој датира од 4 век од н.е., е пронајден во Антакија, а денес се наоѓа во американскиот музеј „Ворчестер“.

Михработ со порцелански мозаик на џамијата „Бејхеким“, која се наоѓа во градот Коња, во централна Анадолија, бил прошверцуван во странство во 1907 година од страна на германскиот конзул во Коња, Ј. Х. Лојтведен, со изговор дека ќе биде реставриран, и денес се наоѓа во берлинскиот Пергамски музеј во делот во кој се изложени исламските историски споменици. Активностите за негово враќање се почнати во 1991 година и сѐ уште траат.

Мермерната глава на статуата на стариот риболовец, пронајдена при археолошките ископувања во античкиот град Афродизија кај Ајдин во западна Турција, била тајно изнесена од земјата од страна на францускиот археолог Пол Годен, а денес се изложува во берлински музеј заедно со торзото. За важноста на локалитетот зборува фактот дека во 2017 година Афродизија беше приклучен на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.

Статуата на лавот од Книдос, пронајдена 1958 година од страна на британскиот археолог Чарлс Њутон во античкиот град Книдос кај Датча, во југозападна Турција, е импозантна статуа долга 3 метри и висока 1,80 метар, денес изложена на самиот влез на британскиот музеј, се наоѓа меѓу историските споменици за чие враќање Турција прави напори.

Листата продолжува со хититските релјефи што се изложуваат во берлинскиот музеј „Пергамон“, теракотните статуетки од Мирина кај градот Измир на егејскиот брег, кои денес се изложуваат во „Лувр“, и стотици други споменици, од кои повеќето се од античкиот период.

Во последните десет години бројот културните и природните богатства на Турција вклучени во листата на светското културно наследство на УНЕСКО, зголемувајќи се двојно, се искачи на 18. Турција презема иницијатива за исправање на грешките и пропустите од минатото. За ова говорат и изјавите на турскиот министер за култура и туризам, Ерсој, во врска со испорачувањето на мозаиците од Зеугма, кое тој го оцени како етички потег што претставува голема мотивација за понатамошните залагања во оваа цел.

Асуде А. Кочан

(Makfax)