10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

„Женски декамерон“ од руската писателка Јулија Вознесенскаја објавен на македонски јазик

Книгата „Женски декамерон“ од руската писателка Јулија Вознесенскаја е објавен на македонски јазик. Од издавачката куќа „Антолог“ велат дека ова дело е прв превод на македонски од Вознесенскаја, која се смета за една од најзначајните руски писателки од втората половина на XX век. Преводот на македонски е на Ѓорѓи Крстевски.

„Женски декамерон“ е книга за десет млади советски жени, кои ќе се најдат во исто породилиште во Ленинград, во период кога во таа установа е воведен карантин. Тие ќе мораат да поминат таму уште десет дена, нешто што, секако, воопшто не ги радува. Тогаш на едната од нив ѝ текнува да ја повтори приказната што прв ја раскажал фирентинскиот писател Бокачо; имено, за време на десетте дена да се забавуваат раскажувајќи си приказни за животот, за мажите, за љубовта, за љубомората, за неверствата, за заведувањето, за фарсичниот секс, за парите, за среќата и за многу други нешта што ја возбудуваат секоја женска душа, вклучително и руската.

Предлогот е едногласно прифатен и во тие десет дена жените раскажуваат сто приказни – по една приказна на ден од секоја од нив – во кои се насетува суровата реалност на едно општество распарчено од самоубиства, разводи и алкохолизам, сиромаштија, закани за ужасни затворски казни.

Истовремено, од оваа книга зрачи страсна верба во духовната сила на руската жена, со која сочувствуваат читателите низ цел свет.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Јулија Вознесенскаја (1940-2015) е руска писателка. Во 1976 година била осудена на четири години егзил за антисоветска пропаганда. Емигрирала во Германија. Во периодот 1996-1999 година живеела во рускиот православен манастир „Леснински“ во Франција. Од 2002 година до својата смрт живеела во Берлин. Во 2003 година во Русија ја добива наградата за најдобар христијански автор на годината, а во 2010 година наградата за најдобар автор за млади.

Спонзорирано: