Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Со две претстави и анимиран филм се затвора фестивалот „Сонот на облачето“

Со одигрување на две претстави со сенки и прикажување на краток анимиран филм, вечерва ќе се затвори шестото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“.

Фестивалот ќе го затвори германката Мари Донат од Берлин, која пред скопската публика ќе ја одигра претставата „Птици“.

„Дали сте подготвени да избегате од гужвите и бучавата во градот? Една жена со нејзиниот куфер полн светлина и сенки, со јато птици ќе ве поведат на патување во светот на Аристофан“, се вели во поканата до сите деца. Претставата ќе биде изведена на сцената „Фросина“ во Младинскиот културен центар, со почеток од 19.30 часот.

На истата локација, во 18.05 часот ќе биде одиграна претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на Студиото „Абстракт“ од Македонија. Станува збор за танцова претстава со сенки од тела, во која играат ликовите од приказната. Пред нивната изведба, за посетителите на претставата ќе биде прикажан и краткиот анимиран филм „Нодва“ од Обединетото Кралство. Тој е создаден од бегалски приказни и вистински цртежи направени за време на патувањата, нивните гласови и музика со традиционални ритми.

Организатор на фестивалот „Сонот на облачето“ е Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, кој го реализира настанот со поддршка од Министерството за култура, Градот Скопје и Младинскиот културен центар. Од театарскиот ансамбл ја повикуваат скопската публика да продолжи будно да ги следи претставите со сенки и во нивниот новоотворен простор во населбата Дебар Маало.