4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Охрид наскоро ќе добие нов градоначалник

избори.

„Лично на рака, денес, делегацијата од Охрид, ќе го достави известувањето за смртта на градоначалникот и новата состојба во Општината во Министерството за локална самоуправа. Известувањето се носи на рака за да ги скратиме роковите, законски се предвидени 15 дена, но ние тоа ќе го направиме денес за да можеме што побргу да избереме вршител на должноста градоначалник кој ќе биде овластен потписник. Заменик-градоначалникот нема овластување, па во моментот нема кој да потпише ниту плата за вработените“, велат од Општина Охрид.

Тие се свесни дека најмалку еден месец ќе им доцни платата и покрај напорите да ги скратат роковите. Законот за локалната самоуправа предвидува, кога ќе го добие известувањето, Министерството за локална самоуправа во рок од 15 дена да достави известување до Владата, која во рок од 30 дена од приемот на известувањето треба да констатира дека мандатот на градоначалникот престанал и истовремено да иницира постапка за распишување нови избори.

Од денот на објавување на одлуката на Владата, Советот на Општина Охрид во рок од 30 дена треба да избере еден од членовите на Советот што ќе ја врши должноста градоначалник за периодот до изборот на нов градоначалник. Тој ќе биде овластен потписник.

Од Охрид велат дека се согласни за вршител на должноста да го предложат сегашниот заменик-градоначалник Константин Георгиевски и очекуваат изборот да се биде веднаш по новогодишните празници бидејќи во разговори со претставници од Владата добиле ветување дека нема да се чекаат максимално предвидените законски рокови, туку ќе се настојува процедурата да заврши побргу.

„Владата ќе направи сè што е во рамките на својата можност за да не бидат доведени во неповолна состојба вработените во Општина Охрид. Законските процедури предвидуваат рок од шест месеци, сега треба да се констатира состојбата формално-правно од страна на Министерството за локална самоуправа, потоа Владата да го информира Собранието и Собранието во координација со ДИК да го почне процесот за нови избори во Охрид. Не би можел во моментот да прецизирам конкретен рок, но ова е постапката“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Од Министерството за локална самоуправа најавија дека известувањето веднаш ќе го испратат во Владата и ќе бараат тоа да се најде на дневен ред на следната владина седница.

„Министерството за локална самоуправа ќе постапи во законскиот рок веднаш по добивањето и на формалното известување од Општина Охрид со цел да се обезбедат законските услови за нормално извршување на функциите на Општината“, велат од Министерството за локална самоуправа.

Освен за општина Охрид, процедура за нови градоначалнички избори е почната и за Ново Село и Дебар. Ново Село остана без градоначалник бидејќи Боро Стојчев, осуден на шестмесечна затворска казна за шверц на цигари, си поднесе оставка на почетокот на октомври. Без градоначалник е и општина Дебар по смртта на градоначалникот Ружди Љута.

„За општините Ново Село и Дебар од страна на Министерството за локална самоуправа е почната постапката за констатирање престанок на мандатот на градоначалникот по сила на законот, што значи дека Владата е известена во законски утврдениот рок дека настапил еден од случаите наведени во Законот за локалната самоуправа, чл. 54, став 1, врз основа на што Владата констатирала престанок на мандатот и се почнати другите законски дејства, со цел да се создадат услови за распишување нови избори за градоначалник на овие општини. Одлуките на Владата, со кои се констатира престанок на мандатот на градоначалниците во овие две општини, се објавени во ‘Службен весник на РМ’ од 4 декември“, велат од Министерството за локална самоуправа.

Во Државната изборна комисија сè уште не се размислува дали изборите за градоначалници ќе бидат заедно со парламентарните избори.

„Претседателот на Собрание треба да донесе одлука за распишување избори за градоначалник, па тогаш да почнат сите дејства“, изјавија од Државната изборна комисија за „Макфакс“.

(Макфакс)