4.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

„Фајненшнл тајмс“ го прогласи Џорџ Сорос за личност на годината

Британскиот весник „Фајненшнл тајмс“го прогласи милијардерот Џорџ Сорос за личност на 2018 година. Весникот бира личност на годината врз основа на нејзините достигнувања. „Во случајот на Сорос одлуката е донесена врз основа на вредностите кои тој ги претставува“, пишува весникот.

Сорос (88), Евреин со унгарско потекло, е опишан како татко на индустријата на хеџ фондовите, но и како некој кој се залагал за либерална демократија и отворено општество и кој низ филантропијата се борел против авторитаризмот, расизмот и нетолеранцијата.

Весникот наведува дека Сорос е жртва на националистите и приврзаниците на теории на заговор во Европа и во САД. Тие го обвинуваат дека со своите хуманитарни активности преку невладини организации поддржува нелегална миграција. Фондацијата на Сорос го пресели седиштето од Будимпешта во Берлин во август откако Владата на Виктор Орбан го усвои законот „Стоп Сорос“.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, го обвинува Сорос дека им платил на жените кои протестирале поради спорната кандидатура на Брет Кавано за претседател на Врховниот суд. Весникот наведува дека Сорос бил и мета на теории на заговор и кога конзервативните критичари го обвиниле дека тајно го финансира караванот со мигранти кој од земјите од Централна Америка преку Мексико се упатија кон САД. ФБИ во октомври пронајде експлозивна направа во поштенското сандаче пред куќата на Сорос во Њујорк.