20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Нов извештај: Русија со дезинформации на социјалните мрежи му помогнала на Трамп да победи

Два извештаја, подготвени за Сенатот на САД, покажуваат дека Русија во координирани кампањи му помогнала на Доналд Трамп да го освои претседателското место, а централната улога во тоа ја имале технолошките компании во земјата, објави „Вашингтон пост“.

„Операцијата на Русија е зачудувачка по обем и прецизност. Русија ги користела сите најважни платформи на социјалните мрежи за да им влијае на гласачите со дезинформации во обид Трамп да биде избран за претседател“, пишува во еден од извештаите.

Исто така, се наведува дека Русите, кои работеле за Агенцијата за истражувања на интернет (ИРА), почнале со експеримент на социјалните мрежи за првин да влијаат на локалните избори во 2009 година, а потоа ги прошириле своите операции на изборите во САД во 2013 година користејќи го најпрвин „Твитер“, а потоа и други популарни социјални медиуми, како „Јутјуб“, „Фејсбук“ и „Инстаграм“.

За претседателската кампања во 2016 година во извештајот се наведува дека Русите се обиделе да ги предизвикаат конзервативните гласачи да го поддржат Трамп нагласувајќи теми како правото за поседување оружје и миграциите.

Во исто време руските оперативци им испраќале на афроамериканските гласачи, но и на други како либерали, жени, муслимани, Латиноамериканци и ветерани, пораки и други информации со цел да ги збунат во врска со изборниот процес вклучувајќи и погрешни информации за тоа како да гласаат.

„Тоа што е сигурно е дека сите тие пораки имале јасна цел да бидат во корист на Републиканската партија и посебно во корист на Доналд Трамп“, се наведува во извештајот, пренесува „Вашингтон пост“.

Во извештајот се наведува дека социјалните мрежи се претворени од нешто што е алатка за делење колективна критика и координација за граѓански активизам во закана за демократијата што доаѓа од итри политички советници и политичари во демократијата и во диктатурите еднакво.

„Вашингтон пост“ пишува дека „Фејсбук“ и „Гугл“ немале коментар за извештаите, а од „Твитер“ соопштиле дека презеле значајни чекори по изборите во 2016 година за да ја зајакнат дигиталната одбрана.

САД поведоа обвиненија против руската Агенција за истражувања на интернет поради вмешаност во кампањата во 2016 година. Специјалниот обвинител Роберт Мулер истражува дали кампањата на Трамп соработувала со Русите. Американскиот претседател негира каква било вмешаност, а истрагата ја нарече лов на вештерки.

Спонзорирано: