9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД донесоа резолуција против изградба на гасоводот Северен тек 2

Претставничкиот дом на американскиот конгрес усвои резолуција против изградбата на гасоводот Северен тек 2, вреден 11 милијарди долари, на што официјална Москва реагираше веднаш со оценка дека станува збор за уште еден обид да се загрози спроведувањето на овој, како што се наведува, комерцијален проект.

Претставничкиот дом на Соединетите Држави објави дека гасоводот е драстичен чекор назад за енергетската безбедност на Европа и за интересите на САД и ги повика европските влади да го отфрлат проектот, објави агенцијата „Блумберг“ од Њујорк.

Резолуцијата, исто така, го повикува американскиот претседател, Доналд Трамп, да ги искористи сите расположливи средства за поддршка на енергетската безбедност на Европа преку диверзификација на пазарот и намалување на зависноста од Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја резолуцијата, рече дека обидите на САД да го загрозат овој проект се пример за нелојална конкуренција, која има за цел да го наруши спроведувањето на еден чисто комерцијален проект.

Од друга страна, во Европа германската влада е голем поддржувач на овој гасовод за кој официјален Берлин смета дека ќе ја зголеми сигурноста на снабдување со гас во Европа. Меѓутоа, Северен тек 2 би ја зајакнал и германската моќ на пазарот со природен гас.

Најактивни противници на проектот се Полска, балтичките земји, Словачка и Украина.

Како што наведува „Дојче веле“, земјите од Источна Европа стравуваат од укинување на транзитните такси и милијарди евра загуба ако помалку се користат постоечките гасоводи во нивните земји. Покрај тоа, многу земји стравуваат од зголемена зависност од рускиот гас. Фактот што Германија продолжува со проектот и покрај загриженоста на своите европски партнери, предизвикува многу реакции.

Спонзорирано: