4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Поскапување на паркингот во денови на енормно загадување на воздухот

Советот на Град Скопје денеска ќе расправа за поголем број одлуки и програми за работата на Град Скопје. На денешната седница Советот ќе решава за Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите што ги извршува ЈП „Градски паркинг“, односно за измена на цената за час паркирање на јавните површини и на паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ во денови кога ќе бидат прогласени вонредни мерки поради надминување на праговите на алармирање на ПМ10 честички, соопштија од Град Скопје.

Со измената на оваа одлука, како што соопштија од градот, градоначалникот по прогласување вонредни и интервентни мерки во одредени денови поради загадувањето на воздухот, има можност да даде предлог на одредени паркиралишта цената за паркирање двојно да се зголеми само во тие денови. Во случај на енормно загадување на воздухот, ова би се применило во централното градско подрачје за да се стимулираат граѓаните кои патуваат во овој дел од градот да користат јавен превоз со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата што го загадуваат воздухот, велат од Град Скопје.

Исто така, со измените на оваа одлука се предвидува и поскапување на паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно поскапување на месечната претплата за паркирање од 300 на 800 денари.

„Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на Град Скопје, со која ќе се воведе дополнителна тарифа за наплата на такси-превозот на патници согласно со последните измени во Законот за измени и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај.

На денешната седница Советот ќе решава и за одлуките за примање донации за вело-паркинг, ЗД мапа на град Скопје, како и за примање грант од Светска банка наменет за набавка на 10 електрични возила за миење/чистење улици.

На дневен ред за усвојување се и голем број регулациски планови на Генералниот урбанистички план, како и измените и дополнување на програмата за субвенционирање на граѓаните за чистење оџаци за 2018 година, со која се продолжува рокот за пријавување за субвенции за чистење оџак“, стои во соопштенито на Град Скопје.