5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Осуден поранешен руски полицаец кој со чекан и секира убил повеќе од 70 жени

Руски полицаец кој силувал и убивал жени откако им нудел ноќен превоз денеска беше прогласен за виновен за уште десетици убиства, со што стана најголемиот сериски убиец во Русија во поново време.

Судот во градот Иркутск го прогласи Михаил Попков за виновен за 56 убиства во периодот меѓу 1992 и 2007 година и го осуди на двојна доживотна казна. Тој веќе е во затвор откако беше осуден за убиство на 22 жени во 2015 година.

Попков им нудел на жентите превоз доцна во ноќта, понекогаш дури и со полициски автомобил додека не бил на работа и ги носел до својот роден град Ангарск во близина на Иркутск.

Тој ги убивал жените со ладно оружје, вклучувајќи и чекан и секира, а потоа ги фрлал нивните тела во шумата, по должината на автопатот и на локалните гробишта.

Тој исто така е прогласен за виновен за силување на 10 жени.

Попков се опишал себеси како чистач кој го чистел својот роден крај од проститутки и изјавил дека развратот се казнува во секое општество.

Сите жртви биле жени на возраст од 16 до 40 години. Неговата втора жртва била полициска службеничка, односно негова колешка.

Педесет и четиригодишниот Попков во судот се појави облечен во затворска униформа.

Тој ќе биде пренесен во затвор во кој служат само затвореници осудени на доживотна казна, со име „Син делфин“.

Неговата казна е редок случај во Русија – на злосторниците да им се досуди двојна доживотна казна, а на Попков одземена му е и полициската пензија.

Обвинителите го опишаа Попков како човек кој патолошки го привлекува убивањето луѓе, но било оценето дека тој е доволно здрав за да присуствува на судењето.

Спонзорирано: