15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев “тресе”: Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на фиромци

Премиерот Зоран Заев денеска на Факултетот ФОН учествуваше на втората јавна дебата за нацрт-амандманите за уставните измени, во рамки на серијата јавни дискусии организирани со експертската јавност, граѓанските организации и останатите заинтересирани граѓани.

„Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на фиромци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца“, рече Заев говорејќи за Преспанскиот договор. Toj повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО.

Премиерот во обраќањето се задржа подетално на досега усвоените четири нацрт-амандмани а кои се однесуваат на замената на зборовите „Република Македонија “ со зборовите „Република Северна Македонија“, инсистирајќи дека означувањето е географска одредница и дека како никогаш досега, македонскиот идентитет и македонскиот јазик се заштитени. Во врска со Амандманот 34, тој објасни дека во преамбулата „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“ и се додаваат зборовите „Охридски рамковен договор“, со кои, како што напомена, се заокружува едно историско поглавје, кога се создадоа можностите за развивање на концептот „Едно општество за сите“, кое во Македонија е реалност, прифатлива за сите граѓани.

Истовремено, премиерот Заев го образложи и Амандманот 35, каде во членот 3, се внесува реченицата „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ и подвлече дека со тоа се дава гаранција на нашиот сосед Грција дека ние сме пријателски народ.

На дебатата, премиерот одговараше и на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на договорот со Грција. Тој информираше дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите. Заев одговараше и на критички коментари и прашања од граѓаните, укажувајќи дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи „во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”.

Меѓу учесниците се слушнаа и предлози за внесување во личните документи и на припадноста на етничката заедница, освен изјаснувањето за државјанство. Првата јавна дебата за уставните измени се одржа вчера во Владата, додека останатите јавни дискусии ќе се одржат во наредните денови во Скопје, Штип и Тетово.

Спонзорирано: