23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Заев: Да ги спроведеме реформите до март, да обезбедиме конечно функционална правна држава

Голема е одговорноста да се биде носител на правдата и да се биде праведен. Потребни се добри закони, потребно е почитување на законите од судската, извршната, законодавната власт, од институциите, од секој професионалец и секој граѓанин поединечно. Потребна е и свест и совест дека само општеството поставено на правда и правичност носи мир и е добро место за живеење на граѓаните, порача премиерот Зоран Заев на работната средба во организација на Академијата на судии и јавни обвинители и Центарот за истражување и анализи, со претставници на апелациските судови и Врховниот суд на Република Македонија, што се реализира и со поддршка од Британската амбасада, а се одвива во Струмица.

„Со вас судиите, обвинителите, стручната јавност, се обидуваме да ги усогласиме законите според европското законодавство и препораките што се бараат во поглавјето за правосудство во преговарачкиот процес што очекуваме да почне со ЕУ. Но, клучната обврска останува на вас како судии и на сите нас како држава: Да обезбедиме конечно функционална правна држава! Правото и правдата мора да бидат достапни на секој граѓанин и да важат, неселективно, подеднакво, за сите!“ истакна Заев.
Тој апелираше, судиите да си ја работат работата според совеста и законите, непристрасно, објективно, професионално, без прифаќање странични влијанија, од кого и да доаѓаат. Нагласи дека законите во оваа држава се спроведуваат и ќе се спроведуваат.

„Како извршна власт, ќе го направиме она што е наша должност, да ги обезбедиме сите потребни услови, за да функционира ефикасно правната држава во Македонија. За тоа се обврзавме пред граѓаните, тоа ни е обврска како држава, за да ги почнеме преговорите со ЕУ во јуни и да станеме членка на Европската унија. Ефикасен правен систем ни е потребен и за членството во НАТО“ рече премиерот.

Важните закони, како што дополни Заев, што се однесуваат на ефикасно правосудство очекува дека до Нова година ќе влезат во собраниска процедура.

„Предлог законите за изменување и дополнување на Законот за судовите и Законот за Судски совет на Република Македонија се работени од стручна работна група составена од судии, професори, поранешни судии на Судот за човекови права во Стразбур, членови на Судскиот совет на Република Македонија. Измените и дополнувањата се согласно препораките дадени од Венецијанската комисија, ГРЕКО и Оценската мисија на ТАЕКС за обука на судии и јавни обвинители, според насоките утврдени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, а ја поминаа и расправата во Советот за реформа на правосудниот сектор и, како што сум информиран, нивното донесување е поздравено“ додаде Заев.

Тој појасни дека се воведува категоријата “млади судии“, или судии избрани во основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, да можат да работат само на предмети од надлежност на суд со основна надлежност, односно полесни предмети.

Основните судови во Кичево, Кавадарци и Гевгелија добиваат проширена надлежност. Анализите покажуваат дека овие судови континуирано низ годините имаат предмети изразено над просекот на предмети што го имаат судовите со основна надлежност.

Ваквата поставеност, според премирот Заев, негативно влијае на секојдневното работење на правните лица, за коишто е надлежен Основниот суд во Велес, а така индиректно и на целокупното пазарно работење и на развојот на стопанството во јужните делови на Македонија.

„Меѓународните стандарди предвидуваат посебен третман на децата сторители на кривични дела, што треба да биде остварен во нивното место на живеење. Ваквите меѓународни стандарди се неостварливи доколку судот е значително оддалечен од местото на живеење на детето“ изјави Заев.

Целта на измените на оваа одредба е, како што рече, остварување на полесен и поефикасен пристап до правдата на голем број граѓани на Република Македонија.

„Се предвидува надлежноста на Судскиот совет на Република Македонија да го утврдува оптималниот број на судии и судии поротници по судовите. Се овозможува во случај на полесен облик на повреда на основите за разрешување судија, на судијата да може да му биде изречена дисциплинска мерка, наместо разрешување, согласно препораката на Венецијанската комисија.Се врши дефинирање на поимот “истакнат правник“ како член на Советот избран од Собранието. Се предлага тие да бидат од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставен суд или меѓународен суд

Се пропишуваат основите и постапката за изземање и за поднесување барање за дисциплинска постапка за член на Советот, согласно препораката на Венецијанската комисија. Се прошируваат основите за престанок на судската функција и во случај ако на судијата во вршење на судиската функција му е изречена прекршочна санкција „забрана за вршење на професија, дејност или должност за дело поврзано со злоупотреба на судиската функција“. Се воведува нов концепт на оценување судии, само во случај на унапредување во суд од ист степен, повисок суд или за претседател на суд.

„За да поминат законите во Парламентот, потребно е дво третинско мнозинство во Парламентот – ние сме во контакти и со опозицијата и верувам дека ќе биде дадена широка и политичка и општествена поддршка.Да ја хармонизираме судската практика, да ги усогласиме законите со законодавството на ЕУ, да ја обезбедиме правдата во нашата држава и сите да се чувствуваме спокојни и заштитени во еден ефикасен, фер и правичен правосуден систем!“ порача Заев.

Тој ги повика сите надлежни институции и поединците, да ја сфатат сериозно оваа обврска, да ги донесат законите до март и да се почне со нивна ефикасна реализација.

Спонзорирано: