Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Адеми во Турција отвори изложба по повод 15-годишнината од збратимувањето на Скопје и Истанбул

Во рамките на посетата на Турција, министерот за култура Асаф Адеми присуствуваше на отворањето на изложбата на артефакти од Музејот на Град Скопје, која е организирана во соработка со Културно-информативниот центар на Република Македонија во Истанбул.

Од ресорното министерство информираат дека изложбата е поставена во Културниот центар „Али Емири Ефенди” во Истанбул, а е насловена „Скопски материјални и духовни проблесоци“ и содржи фотографски прикази на артефакти од средновековниот и турскиот период што потекнуваат од поширокиот простор на скопската тврдина и чаршија.

„Примарен мотив на изложбата е негата на културните врски и корелации меѓу граѓаните на Македонија и Турција, наедно и одбележување на 15-годишнината од збратимувањето на Скопје и Истанбул, како и интензивирање и продлабочување на соработката од областа на културата“, појаснуваат од Министерството за култура.

Во рамките на настанот, концерт одржало музичкото дуо „Скупи“, кој бил проследен со особен интерес од страна на присутните гости.

Владите на двете земји во изминатиот период потпишаа Договор за основање и активности на културните центри. Во согласност со Договорот, Република Македонија добива простор во зградата „Сејран“ која има статус на културно наследство и се наоѓа на плоштадот Таксим.

Република Турција го добива на привремено користење „Куршумли ан“ во старата скопска чаршија, коj ќе биде и комплетно реставриран. Отворањето на културно-информативните центри е една од низата активности чија цел е продлабочување на културните врски меѓу двете држави.

Во тренд…