11.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обвинет за крвавиот четврток: Ексдиректорот на УБК планираше упад во ДИК со „молотови коктели“

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во 2016 година наредил ако Државната изборна комисија ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, насилно да се упадне во просториите на ДИК со „молотови коктели“, рече Стефан Младеновски, обвинет за упадот во Собранието на 27 април минатата година, на денешното рочиште во кривичниот суд.

„Во 2016 Нинџа (Александар Василевски – Нинџа, кој исто така е обвинет за крвавиот четврток) ме извести и ми кажа дека негов човек и близок пријател е негов човек во УБК и ќе прави што сака. Кога првпат Нинџа ме запозна со Никола Бошкоски, беше присутен и Владимир Атанасовски. Како се соопштуваа информации, така ни ги споделуваше Дејан Димовски – Боксер од УБК. Ситуацијата беше разочарувачка. По соопштување на конечниот резултат, се договоривме наредниот ден да се сретнеме со Нинџа. На првиот ден на протестите пред ДИК, каде што се одлучуваше за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, Нинџа ме викна во едно кафуле на кејот. Кога стигнав со мојот брат Михаил, со Нинџа беше Никола Бошкоски – Прскач. Нинџа ни кажа доколку ДИК ги одбие приговорите на ДПМНЕ, насоките од Владимир Атанасовски се да се упадне насилно во ДИК и дека ќе има лица што треба да фрлаат ‘молотови коктели’. Во кафулето беа повеќе лица, а меѓу нив и Никола Митревски – Кољо. Од кафулето со 6 автомобили се упативме кон канцелариите на ДИК. Кога стигнавме, Нинџа нè собра во круг, бевме 20-30 луѓе. Имаше присутни екипи и од други градови. Нинџа нè извести дека во одреден момент кога тој ќе даде насока, треба да се упадне во канцелариите на ДИК. Тој ден ДИК заседаваше, но расправата за приговорите се откажа за друг ден. Наредниот ден немаше други насоки“, рече Малденовски во исказот.

Во деновите што следувале тој рече дека се гледале со Нинџа во кафулето „Аристократ“, а на средбите присуствувал и Владимир Атанасовски.

„На 30 декември вечерта кога требаше ДУИ да одлучи дали ќе прави влада со ВМРО-ДПМНЕ, повторно бевме во штабот, во прес-центарот. Бевме јас, мојот брат, луѓето од УБК и Нинџа со неговите луѓе. Исто како денот на изборите, така и тогаш информациите до нас ги споделуваше Дејан Димовски – Боксерот. Кога стана извесно и дека ДУИ нема да прави влада со ВМРО-ДПМНЕ, ни беше кажано од Боксер дека Иванов нема шанси да го додели мандатот на Заев и дека доколку пробаат на сила да направат влада, ќе има војна. Набргу по тоа беше објавена тиранската платформа по што и почнаа протестите на ‘За заедничка Македонија’“, рече Младеновски пред судот.

Тој во исказот кажуваше кој, според него, го организирал, како го организирал упадот во Собранието и што се случувало дента на 27 април 2017 година.

Виктор Јованов

(Макфакс)

Спонзорирано: