13.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Димитров ги брифираше европратениците за имплементацијата на договорот од Преспа

Претпладнево, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одржа работен брифинг со групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент, предводена од европратеникот Ханс Ван Бален (АЛДЕ). Министерот Димитров ги брифираше европратениците за процесот на имплементација на Договорот од Преспа, како и за досегашните постигнувања и планираните чекори во клучните реформски области.

Димитров ја искористи можноста на средбите да ја изрази силната посветеност на Република Македонија за обезбедување напредок во евроинтегративниот процес и ја реафирмираше заложбата на Владата за понатамошно спроведување на реформските приоритети. Тој потенцираше дека во моментов, една од најважните цели за земјата е преточување на јунските заклучоци на Советот на ЕУ во формално отворање на пристапните преговори во јуни 2019 година, што, меѓу другото, беше рефлектирано и во усвоената Резолуција на Европскиот парламент.

Министерот Димитров оствари и средби со европратениците од АЛДЕ, Иво Вајгл и Ханс Ван Бален. На средбата со Вајгл беше разговарано за неодамна усвоената Резолуција за Република Македонија во Европскиот парламент и позитивните оценки од истата. Со претседателот на групата „Пријатели на Македонија“, Ханс Ван Бален, МНР Димитров разговараше за претстојните активности на групата за поддршка на евроинтегративните процеси на Република Македонија.

Работната посета на министерот Никола Димитров на Брисел, продолжува со активности во рамките на НАТО, при што, предвидени се повеќе билатерални средби на маргините од министерскиот состанок, соопшти МНР.

Спонзорирано: