17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Макрадули во Цементарницата „Усје“: Преку зголемена транспарентност и комуникација ќе ги лоцираме вистинските загадувачи

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска, заедно со претставници на Државниот инспекторат, присуствуваше на отворениот ден на Цементарницата „Усје“ во Скопје, со цел, како што изјави, да придонесе кон транспарентната борба што се води за добивање реални податоци за тоа што се случува со загадувањето.

„Деновиве, сите екологисти и светски стручњаци се упатуваат кон Катовице на Светскиот самит за климатски промени, чиј темел или компоненти се: реалност, наука и предупредување. Сите активности што ние ги преземаме во рамките на планот за справување со загадувањето, односно планот за чист воздух, се базираат на реалноста, на науката и на предупредувањето“, изјави заменик-министерот Макрадули.

Тој истакна дека денешната посета на компанијата „Усје“ е со цел да се придонесе кон разбивање на стереотипите, кои се шират меѓу граѓаните за загадувањето, но истовремено изрази одлучност за продолжување на активностите во справувањето со изворите на загадувањето. Заменик-министерот Макрадули информира и за почнувањето на праксата на партнерски однос предводена од Светскиот економски форум за алијанса помеѓу владите и бизнис-заедницата.

„Вчера ја поканив Стопанската комора, очекувам компаниите што постојат во Република Македонија да се вклучат во заедничката акција на спроведување на планот за чист воздух и веќе имаме најави од неколку компании кои ќе се придружат, пред сè, во замената на нееколошките извори на затоплување во градинките, во основните училишта и во здравствените домови со еколошки извори на затоплување“, истакна заменик-министерот Макрадули.

Тој јавно упати апел и до преостанатите компании да го следат примерот на Цементарницата и да организираат отворени денови оценувајќи дека само на тој начин, преку зголемена комуникација и транспарентност, ќе може да се лоцираат вистинските извори на загадување за полесно отстранување на причините.

Заменик-министерот за животна средина потсети уште еднаш дека и според сите анализи во големите градови, како што се Скопје и Битола, главен причинител за аерозагадувањето е домашното затоплување.

„Уште еднаш да повторам: во Битола и во Скопје клучен елемент на загадувањето е домашното затоплување“, информира Макрадули и нагласи дека задачата на Владата е со средства од буџетот и со партнерство на компаниите да ги заменат овие нееколошки средства на затоплување на граѓаните што ги употребуваат поради социјалната состојба.

За РЕК „Битола“, заменик-министерот информира дека има почнато процес за третирање на пепелта, од 1 јануари ќе се заменуваат електростатските филтри што не биле заменети од 1980 година и кои ќе доведат до намалување на емисиите во согласност со усогласувањето на оперативниот план.

Генералниот директор на „Цементарница „Усје“, Борис Хрисафов, изјави дека со внимание ја следат загриженоста на јавноста во врска со состојбите во градот Скопје и со задоволство ги отвораат вратите на граѓаните да им ја доближат својата работа повикувајќи ги сите за заштита на животната средина со цел да се лоцираат вистинските причинители.

Директорот посочи дека компанијата ги почитува законските прописи и регулативи и наведе дека податоците од мерењата јасно укажуваат на фактот дека „Усје“ во целост ги исполнува законски предвидените услови и емисиите се во просек неколкупати пониски од законски дозволените концентрации.

Спонзорирано: