Богдановиќ поништи одобрение за градење катна гаража во центарот на Скопје

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, донeсе решение за поништување одобрение за градба на инвеститорот „Анго“ ДООЕЛ Скопје за објект катна гаража на скопската улица 11 Октомври, информираат од Општината.

Оттаму додаваат дека инвеститорот добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година, со правосилност од 10 септември истата година.

Појаснуваат дека законски предвидениот рок за почеток со градење е две години од правосилноста на одобрението за градење, а во спротивно одобрението за градење престанува да важи.

„Сѐ со цел да се запази законски предвидениот рок, на само три дена пред истекот на рокот, односно на 7 септември 2016, инвеститорот поднесува барање за почнување подготвителни работи за изградба на објектот. Од страна на Дистрибуцијата на топлина „Балка енерџи груп“ (БЕГ), по барање на Општината, доставена е и потврда дека инвеститорот ниту поднел барање ниту потпишал договор за дислокација на вреловодна мрежа, а која инвеститорот своевремено ја навел како причина поради која се пролонгира почнувањето со градење“, објаснуваат од Општина Центар.

По барање од Општината, Бирото за судски вештачења со вешт наод и мислење ја утврдило фактичката состојба и заклучило дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш почнал да се гради.

Врз основа на добиените заклучоци од инспекциските служби и вештачењето од Бирото за судски вештачења, градоначалникот Богдановиќ издал решение за огласување ништовност на одобрението за градба.