Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Уште една земја воведе забрана за „Хуавеј“ поради национална безбедност

Нов Зеланд е последна во низата земји кои го блокираа предлогот за користење на телекомуникациска опрема од кинескиот производител „Хуавеј“ поради загриженост околу националната безбедност, а врз основа на информациите за поврзаноста на кинеската компанија со владата во оваа земја.

Телекомуникациската компанија „Спарк Нов Зеланд“ сакала да користи опремата на „Хуавеј“ во развојот на својата 5G мобилна мрежа. Меѓутоа, владина агенција соопшти дека ваков договор значително ќе ги зголеми ризиците по националната безбедност.

Овој потег е само дел од зголемениот отпор кон вклучувањето на кинески технолошки компании, наводно поради безбедносни причини.

„Хуавеј“ е најголемиот производител на телекомуникациска опрема во светот, но наиде на отпор кај владите од неколку земји поради страв дека неговата технологија може да биде користена за шпионажа.

Од компанијата досега не одговориле на барањето на Би-би-си да го коментираат случајот.

Овој потег следи по одлуката на Австралија да ја блокира можноста „Хуавеј“ и кинеската компанија „ЗТЕ“ да обезбедат 5G технологија за австралиската безжична мрежа поради прашања поврзани со националната безбедност.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија исто така имаат изразено загриженост во врска со „Хуавеј“, а компанијата е критикувана и во Германија, Јапонија и Јужна Кореја.

Минатата недела „Волстрит журнал“ објави дека владата на САД се обидува да ги убеди компаниите за безжични услуги во земјата да избегнуваат употреба на опрема од „Хуавеј“.