18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Додатокот за трето дете и понатаму ќе им се исплаќа на семејствата што го стекналe правото

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, потенцира да не се манипулираат граѓаните дека додатокот за трето дете се укинува, туку дека тој се унапредува во ефективна мерка, која треба да даде ефекти во демографската политика.

„За сите оние што го оствариле правото досега и оние што ќе го остварат во наредните 10 месеци по носење на законот за да може да го родат детето што веќе е зачнато, ќе го остваруваат правото уште 10 години по стариот закон. По овој период, и понатаму ќе продолжиме со еднократна исплата за прво, второ и за трето дете. Наместо да им даваме по 8.000 денари на граѓаните што имаат доволно пари и на богатите, парите ги насочуваме кон сиромашните, кои вистински имаат потреба од поддршка. Тоа е дел од владината програма и на тоа се фокусираме. Сметам дека само таква политика може да даде намалување на сиромаштијата во нашата држава“, рече Царовска одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

Министерката истакна дека државата мора да ја менува политиката кога станува збор за наталитетот бидејќи досегашните субвенции не ги дале очекуваните резултати.

„Затоа што сакате да дискутирате за наталитетот што во ваше време драстично опадна и по воведувањето на мерката, јас ќе мора да ви ги цитирам податоците. Наталитетот во Македонија во 2010 година бил 11, 8 отсто, а во 2017 – 10,1 отсто. Вашата мерка за десет години не даде резултати. Јас велам дека не е добра мерка. Дури и други фактори да влијаеле на наталитетот во државата, вашата мерка, барем ќе го одржеше наталитетот, но тој драстично опаѓа“, рече министерката Царовска одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Трајко Димков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Царовска потенцира дека е подготвена како министерка да дискутира за демографската политика, на која сериозно треба да се работи за да се постигнат резултати.

„Затоа, сметам дека сите заедно со национален консензус треба да седнеме и да донесеме нова политика за демографија, која на долг рок ќе ги даде ефектите, затоа што демографските ефекти за една, две и пет години ние не можеме да донесеме. И токму затоа таа стратегија треба да е биде опфатена и прифатена од сите заедно и да видиме добри резултати во растот на наталитетот за следните 15 години“, рече министерката Царовска.

Спонзорирано: