18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тевдовски: Со буџетот за 2019 до подобар животен стандард и социјална праведност

Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година беше претставен пред Комисијата за финансирање и буџет. Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во своето експозе истакна дека со предлог-буџетот се предвидува натамошно намалување на буџетскиот „минус“, односно намалување на буџетскиот дефицит за пола милијарда денари.

„Од 2,7% од БДП во 2018, дефицитот се намалува на 2,5% од БДП во 2019. Ваквата дисциплинирана фискална политика, односно постепената фискална консолидација, е клучна и неопходна компонентна за среднорочно стабилизирање на јавниот долг. Исто така, држејќи се до дефицитот предвиден во фискалната стратегија, всушност водиме кредибилна и предвидлива фискална политика“, истакна Тевдовски.

Министерот за финансии додаде дека водењето ефикасна, домаќинска и транспарентна фискална политика не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните.

Овие цели, додаде, се постигнуваат со предлог-буџетот за 2019, кој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството како интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените, повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал, повисоки плати во образованието и градинките, целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток, историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции, раст на платите на сите вработени во јавната администрација како и амбициозен, но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата.

Спонзорирано: