3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бежоска: Долгорочен економски раст преку здрави структурни политики

„И покрај изразено приспособливата политика во посткризниот период, реалната конвергенција во земјите од регионот на Централна и Југоисточна Европа е забавена, што упатува дека монетарната политика не може да биде супститут за здрави структурни политики коишто се неопходни за зголемување на потенцијалот за долгорочен раст на економиите“ истакна гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата за улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) кон оние од еврозоната, којашто се одржа во рамки на годинешната Конференција за европска економска интеграција, организирана од Австриската централна банка.

Улогата на монетарната политика, според гувернерката, првенствено треба да се однесува на превенција од ранливости во економијата и одржување на ценовната и финансиската стабилност, како неопходни предуслови за побрз раст. Притоа, во своето излагање, таа стави одделен акцент на постепеното исцрпување на просторот за делување на монетарната и фискалната политика и на потребата за постојано спроведување структурни и институционални реформи коишто ќе овозможат побрза и одржлива конвергенција.

Во дебатата со гувернерите на централните банки на Романија и Бугарија, кои исто така учествуваа на панел-дискусијата, бea разгледани искуствата и предизвиците во процесот на реална конвергенција на земјите во регионот. Во рамки на дискусијата се говореше за различните искуства на земјите, во зависност од избраната монетарна стратегија, како и за главните предизвици во контекст на започнатиот глобален циклус на раст на каматните стапки. На крајот, акцентот беше ставен на дискусиите околу јавната поддршка во Романија и Бугарија како земји членки на Европската Унија, за усвојување на еврото, што подразбира исполнување повеќе критериуми, вклучително и преземање реформи за усогласување на барањата во доменот на супервизијата и со тоа, истовремено и вклучување на овие земји во механизмот на девизни курсеви и во единствената банкарска унија.

Конференцијата за европска економска интеграција којашто изминативе два дена се одржуваше во Виена, Австрија, е еден од најзначајните традиционални настани во централнобанкарската заедница на коишто се дискутира за прашања клучни за европската економија.