Банка нуди поволности доколку клиентите пеш минуваат по 10 илјади чекори

Украинската банка „Монобанк“ им нуди на клиентите поволни камати доколку дневно прават 10 000 чекори.

Понудата се однесува на клиенти кои можат да докажат дека дневно минуваат 10 000 чекори пеш, а е дел од напорите на банката да воспостави здрави животни навики за своите клиенти.

„Монобанк“, која рапидно расте и привлече повеќе од половина милион корисници за една година, понуди различни каматни стапки за околу 1.500 штедачи преку својата мобилна платформа, пишува „Гардијан“.

Клиентите користат здравствена апликација на својот паметен телефон за да ја следат нивната физичка активност. По тоа, банката пристапува до овие податоци на дневна основа. Кај клиентите со над 10 000 чекори во текот на денот, се дава камата од 21 отсто на нивната заштеда.

Кај секој кој нема да успее да премине 10 000 чекори три дена по ред, каматната стапка се намалува на 11 отсто. Концептот е развиен од страна на тројца директори на банката со цел да се забрза личниот и национално-економскиот просперитет.

Украина е на второ место во светот по стапка на смртност од срцеви болести со 395,73 случаи на 100 000 жители, а се очекува дека 50 отсто од мажите ќе бидат дебели до 2030 година.

Во случај на измама, откако имало случаи на клиенти кои лажно пријавувале дека преминале 10 000 чекори, каматата веднаш се враќа на најниско ниво.