12.8 C
Скопје
16. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Анѓушев: Со Законот за енергетика имаме отворен фронт за инвестиции

Во рамките на претседавањето со Министерскиот совет на Енергетската заедница во 2018 година, денес во Собранието се одржа Состанок на Парламентарниот пленум на ЕЗ, со кој претседаваше пратеникот Хари Локвенец, а на кој се обратија и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, како и директорот на Енергетската заедница Јанез Копач.

Анѓушев истакна дека Македонија заостануваше значително во имплементацијата на енергетската законска регулатива, којашто претставуваше обврска преземена од Договорот за формирање на Енергетска заедница и обврска за пристапувањето кон ЕУ. Тој додаде дека тоа не беше направено навреме, со што Македонија се позиционираше на последно место во поглед на имплементирање на енергетската легислатива.

„Со Законот за енергетика сега имаме отворен фронт за инвестиции на повеќе дејности кои треба да се спроведат во енергетскиот сектор. Почнувајќи од раздвојувањето на сопственоста на енергетските компании, процес кој веќе е завршен, како и донесување на подзаконските акти со кои се регулираат сите аспекти кои произлегуваат од овој Закон. Сите обврски кои произлегуваат од Законот ќе бидат исполнети во целост и навремено“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот дополни дека со Законот се овозможува зголемено учество на обновливите извори на енергија. Со донесување на правилникот и уредбата за обновливи извори на енергија ќе се дефинират сите аспекти во оваа област и ќе се овозможи развој на енергетиката во Македонија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, накусо ги запозна претставниците од националните парламенти на земјите потписнички на Договорот на Енергетската заедница со изготвениот водич за генералните политики за целите до 2030 година, кој треба да биде усвоен на утрешниот состанок на Министерскиот совет, а се однесуваат на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, рече дека климатските промени,многу брзо се движат во несакана насока и кога станува збор за бизнисот, досега се разговарало како да се намалат трошоците и да се достигнат повисоки профити, но веќе мора да почне да се размислува за опстанокот.

Спонзорирано: