12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Видео: Дебакл на протестот на ВМРО ДПМНЕ во Скопје – Мицкоски со порака до Заев

Не голема бројка на симпатизери на ВМРО ДПМНЕ излегоа на денешниот протестен марш организиран од страна на ВМРО ДПМНЕ.

„Ќе ве поразиме жестоко на следните избори и ќе ви покажеме каде заслужувате да бидете – на буниште“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестот пред Владата.

Тој најави дека партијата почнува со активности низ Македонија. „Едно големо ‘уа’ за Зоран Заев. Припадниците на МВР ја чуваат Македонија од тој натрапник, кој се крие некаде внатре. Денеска почнуваме и одиме низ Македонија за викендот. Секоја среда ќе бидеме пред Владата да го изразиме нашиот револт. Тој ќе биде изразен поинаку, со мирни протести. Нема да бидеме како нив, да кршиме и фрламе, бидејќи ние ова го градевме. Ветија ќе ја тргнат оградата, а не ја тргнаа. Што е, се плашите од народот ли?“, рече Мицкоски.

Тој пред насобраните партиски членови и поддржувачи рече дека среќава многу луѓе што ги критикуваат и им велат: „Каде сте, ве нема, зошто не излеговте“?

„Еве, не излеговме и за националното понижување, но излеговме и за сите економски порази затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна. Ќе се обединиме сите заедно за да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт. Зошто ни е нам времето?

Тоа ни е важно за да можеме поорганизирани и посплотени да протестираме пред Владата. Да се собереме, што повеќе да дојдат сите слободно и да може демократски да го изразат својот револт за овие национални понижувања што ни се случуваат изминатава година. Се сеќавате за програмата дека ќе дојде живот – но, пекол донесоа и темнина кај секој граѓанин“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека црнила и темнина надвладеаја над земјава.

„Ја повлековте Комисијата за јавни набавки за да склучувате договори во четири очи. По сите понижувања и распродажби на националните интереси, ние нема да ви дозволиме, ќе застанеме сите, без разлика на нација. Ќе ви го покаже местото во историјата. Вие припаѓате на буниште, тоа ќе ви го покажеме на следните предвремени или редовни парламентарни избори. По овие црнила, доаѓа зората, која носи надеж за подобро утре за нашите граѓани. Ветуваа ‘Гугл’ и ‘Фејсбук’ ќе го донеселе. Шајка не заковаа. Се шетаа на телевизии и нè убедуваа да гледаме низ нивните очила. Нема да ви дозволиле, нема да ве оставиме додека не ви го видиме тилот како ви излага од овде. Нè пониживте, ќе ве поразиме. Ќе изгрее зора на слободата“, рече лидерот на опозициската партија.

„Чувствувам, вели Мицкоски, дека овој наш пат, кој нема да биде лесен и едноставен, ќе го изодиме заедно сè до крајната цел – предвремени или редовни избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува победа“.

Тој очекува граѓаните да им се придружат на протестите во земјата.

„Ќе дојдат избори, еве, претседателските доаѓаат, ајде тука жестоко да победи нашиот кандидат. Тоа е првиот чекор за да ја ослободиме татковината од стегите и прангите“, рече Мицкоски и додаде:

„Во мојот живот најважни се образот и честа. Секогаш кога ќе ги полните штабовите, кога ќе доаѓате до граѓаните и соборците, да им ја кажувате вистината. Нема да ветуваме тоа што не можеме да оствариме. Нема да донесеме чист воздух како што ветуваше некој политичар што сега се наоѓа во Владата. Но, ќе ветиме 30 отсто намалување на загадувањето во сите градови, да го оттргнеме црнилото врз сите градови и села“, истакна Мицкоски повикувајќи ги насобраните да ја испеат песната „Едно име имаме“…

„Чувствувам емоција, љубов, мотив за да го издиме патот и да стигнеме до нашата цел – победа на редовни или предвремени избори кога и да се одржат. Ќе дојде денот кога ќе одговарате сите до еден. Каде е министерот за МВР да излезе да каже за убиствата? Полесно му беше да ги апси пратениците, да пушта полиција околу штабот, да ги претресува возилата што излегуваат од штабот. Ќе дојдат избори, а како секогаш, сакам да бидам искрен: за да има избори, мора да се избориме. Ќе дојдат избори, еве доаѓаат претседателските. Ајде да победи нашиот кандидат. Тоа е првиот чекор кога ќе ја оствариме нашата победа. До тогаш ќе бидеме на улиците оти така ќе дојдеме до триумф. Ветувам дека ќе работам трипати повеќе од нив за да ги победиме, а ќе работиме петпати повеќе за да ја исправиме Македонија на нозе, да не е клекната“, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски упати порака до оние што не се присутни, а ја поддржуваат партијата: „Ве повикувам сите да ни се приклучите, од сите нации и вери, да се обединиме и да ги поразиме овие спроти нас. Ова не е битка за ден или два. Ќе трае подолго. Ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме. Ќе ги победиме и новите поддржувачи што останаа рамо до рамо со нив. Затоа ќе биде таа победа поголема. Зората ќе дојде“.

(фото,видео,делови од текст: Макфакс)

Спонзорирано: