12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Дојче веле“: Ципрас губи во спорот со Грчката православна црква

Грчката влада сака да се одвои од црквата и да отстрани 9.000 свештеници од платниот список, но прекинувањето на ваквите врски во најрелигиозната земја во Европа може скапо да го чини левичарскиот премиер Алексис Ципрас, пишува денеска „Дојче Веле“ (ДВ).

За време на тешката финансиска криза Ципрас го спречи влошувањето на односите со црквата, бидејќи милиони Грци бараа поддршка и спокој во најмоќната институција во земјата, наведува „Дојче веле“, додавајќи дека Ципрас сега конечно сака да ги пресече врските меѓу државата и православната црква. Меѓутоа, според ДВ, Ципрас сака и удел во богатството на црквата, а истовремено тежнее и тоа да биде чист „развод“.

Во обид да се најде пријателско решение, грчкиот премиер состави план од 15 точки кој го отвора патот за одвојување на црквата и државата. Според овој план, треба да биде отпуштено свештенство од 9.000 луѓе. Тие би биле отстранети од државниот платен список, со што ќе им бидaт одземени големи привилегии, како и правото на пензија, која наместо државата би требало да ја плаќа богатата Грчка православна црква, пишува „Дојче веле“.

На тој начин Грција ќе може да се декларира како религиозно неутрална земја, а свештениците од православието ќе мора да се откажат од титулата проповедници на национална религија. За возврат, државата треба да ги отфрли барањата за големи парцели земјиште, кои црквата одамна ги смета за свои, по што би следел голем заеднички развоен проект кои двете страни би го следеле, при што профитот ќе се дели пола-пола.

Неделава на итен состанок свикан од највисокото тело на Грчката православна црква, 72 од 82 владици застанале на страната на свештенството, одбивајќи да го симнат од државниот платен список.

„Да ги расчистиме работите. Владата има право да го регулира сето она што се однесува на државниот буџет. Значи, ако црквата не се придржува кон нашиот предлог за свештенството, тогаш Владата ќе ги преземе работите во свои раце“, рече портпаролот на грчката владата Димитрис Цанакопулос по средбата.

Спонзорирано: