18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Се огласија адвокатите на Сашо Мијалков по најновите случувања

Изречениот притвор за господинот Мијалков е политичко, а не правно решение. Не постои никаква основа за мерките на претпазливост да бидат укинати и заострени, бидејќи не е сменета ниту една околност во однос на моментот кога му се изречени, велат адвокатите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, по однос на неговиот притвор, а пред јавната седница.

Според нив, аргументите на СЈО не соодветствуваат со реалноста и законот се крши по три основи кои, како што велат, ги потврдуваат сомненијата дека не станува збор за право и правда, туку за политика.

„Прво, спротивно на сите конвенции, господинот Мијалков и ние како негова одбрана воопшто не сме повикани да се произнесеме во однос на барањето на СЈО. Второ, нема ниту еден аргумент дека има некаква промена во околностите во однос на предметите кои се водат против господинот Мијалков. Трето, целосно се неосновани аргументите приложени во барањето на СЈО“, наведуваат адвокатите.

Одбраната на Мијалков најостро ги отфрла тврдењата на СЈО дека тој има каква било поврзаност со наводните 11 милиони евра за кои Обвинителството побара притвор, а судот го усвои предлогот.

„Одбраната бара Обвинителството и Судот јавно ги обелоденат наводните докази од причина што тврдиме дека такви не постојат и дека наводните трансакции немаат никаква поврзаност со господинот Мијалков. Исто така настрана од овие лажни тврдења, определениот притвор е незаконски поради фактот што господинот Мијалков повеќе од година ги почитува определените мерки на претпазливост, се јавува на сите покани од судот и обвинителството“, стои во реакцијата на одбраната.

Оттаму додаваат дека дента кога е лишен од слобода, Мијалков се јавил во СЈО на покана на Катица Јанева и ниту планирал ниту преземал дејствија за бегство.

„На крај целиот имот со кој располага господинот Мијалков е јавен, заведен во јавните книги во РМ и во странство, а на судот и на обвинителството тој имот им е познат и досега, но судот и обвинителството не го сметале како околност поради која Мијалков може да се даде во бегство. Единствена причина поради која му е изречен притворот е да се прикрие бегството на Н.Г. односно да се скрие неспособноста и непрофесионалноста на државните органи“, велат адвокатите на Мијалков.

Спонзорирано: