7.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Претседателот Иванов во посета на јужната граница

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, денеска беше во посета на јужната граница на Република Македонија за да се информира за тековните состојби и активностите што се преземаат од страна на Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, ЦУК, граничната полиција и контингентот на странските полициски сили, како субјекти вклучени во соочувањето со нелегалната миграција.
Иванов изврши обиколка на караулата Богородица и привремениот транзитен центар во близина на Гевгелија, на капацитетот за сместување на припадниците на АРМ во Богданци, како и на караулата Езеро во Дојран, соопштија од Кабинетот на претседателот.

За време на посетатa на караулата Богородица, Иванов изврши увид во моменталната состојба на македонско-грчката граница, а од страна на припадниците на АРМ беше информиран за обидите за нелегално минување на државната граница во изминатиот период, како и за тактичките мерки и активности што се применуваат во спречувањето нелегални минувања на јужната граница, се наведува во соопштението.

Од страна на надлежните институции, додаваат во соопштението, било посочено дека во изминатите 3 месеци е спречен обид на околу 3.300 илегални преминувања на јужната граница од мигранти, кои во најголем број доаѓаат од Блискиот Исток.

Претседателот Иванов го посети и привремениот транзитен центар во Гевгелија, каде што беше информиран за работата на хуманитарните организации, од страна на ангажираните во Црвениот крст, Меѓународната организација за миграција, Агенцијата за бегалци при ОН, кои се распоредени таму, и притоа изрази поддршка за нивниот континуиран придонес и ангажман.

Македонскиот претседател, како што се посочува во соопштенеито, разговарал и со мигранти кои во моментот престојуваат во транзитниот центар и се информирал за условите и третманот што тие го добиваат за време на нивниот престој во центарот. Воедно, претседателот Иванов се сретна и со полициските припадници на странски држави што се распоредени во контролирањето на теренот на јужната граница, во поддршка на македонските безбедносни сили.

Во рамките на обиколката на јужната граница, македонскиот претседател ги посети и објектот за сместување на припадниците на АРМ во Богданци и караулата Езеро во Дојран. При тоа беше информиран за моменталните состојби, предизвиците и начинот на ангажирање на припадниците, во однос на справување со обидите за илегални преминувања на тој дел од нашата јужна граница, како и за условите за сместување и работа на припадниците на Армијата на Република Македонија, стои во соопштението испратено од Кабинетот на претседателот.

Спонзорирано: