Продолжен рокот за субвенции за чистење оџаци во Скопје

Од Град Скопје преку соопштение инфорираат дека го продолжува доделувањето субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци. Ова е една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот и досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени 140 барања од граѓаните, инфомираат од Град Скопје.

Со оваа мерка, велат во соопштението, Градот ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари, а за субвенции може да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на Град Скопје.

„За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за добивање субвенции се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да ги достави следните документи: барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет-страницата на Градот); доказ за жителство на град Скопје: фотокопија од лична карта или пасош; доказ за правен субјект: тековна состојба не постара од 6 месеци; потврда за реализирано чистење оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот; фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22 во согласност со Националната класификација на дејности) и фотокопија од трансакциска сметка/жиро-сметка“, стои во соопштението на Град Скопје.