7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Заев-Самуелсен: Данска ги поддржува перспективите на Македонија во ЕУ и ја смета за добредојдена во НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Андрес Самуелсен, министер за надворешни работи на Кралството Данска.

Министерот, Самуелсен, рече дека нашата држава е добредојдена во НАТО, дека Данска ги поддржува аспирациите на Македонија за членство во НАТО и Данска ги поддржува перспективите на Македонија во Европската унија.

Данскиот министер Самуелсен изрази надеж за успешни реформи во рамки на техничка подготовка за почеток на преговорите, во делот на владеењето на правото, како и резултати од законите што се носат во Парламентот. Исто така ги поздрави добрососедските односи на Македонија и Договорот со Грција, како дел од интеграциските процеси на нашата земја и како добар пример на решавање билатерални прашања.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти јасна определеност на Владата кон реформите во важните области за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за квалитетот на живот на граѓаните во земјава. Премиерот Заев посебно ги објасни реформите што се прават во делот на правосудството и владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, професионалните безбедносни служби, медиумите, ефикасната јавна администрација.

„Фокусирани сме на изградба независни институции во држава. Посебно сме насочени кон обезбедувањето владеење на правото. Реформите ги правиме низ инклузивен процес. Свесни сме дека политичката стабилизација на државата и евро-атлантските интеграции значат и економски развој на државата и во таа насока ги преземаме сите чекори. Градиме добрососедски односи, што го покажуваат договорите со Бугарија и со Грција. Заокружувањето на уставните измени ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и очекуваме тоа да се случи, бидејќи огромното мнозинство граѓани во Република Македонија очекува евро-атлантска иднина на нашата држава“, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше за актуелни политички прашања во земјава и во регионот. Потенцирано е дека добрите односи меѓу државите се важен предуслов за развој на земјите на Балканот и на регионот во целина, како и дека е важно билатералните прашања да се затворат низ принципот на регионална стабилност и безбедност.
На состанокот, данскиот министер, Самуелсен, ја поздрави улогата на Македонија во бегалската криза. Премиерот Заев се заблагодари за принципиелната и мотивирачка поддршка од Кралството Данска на демократските процеси во Република Македонија.

Спонзорирано: